Наука

SpaceX за првпат истовремено ги приземји трите најмоќни ракети на светот

12. април 2019 - 10:19 | К.З.

Американската компанија за истражување на вселената, SpaceX, успешно ја заврши првата оперативна мисија за тројно приземјување на трите ракети од моделот Falcon Heavy, кои важат за најмоќни ракети на Земјата.

Две од ракетите слетаа на платформата на вселенскиот центар Кејп Канаверал на Флорида, а третата беше приземјена на приватната платформа на SpaceX на Атлантскиот Океан.

Првпат во својата историја SpaceX успеа да ги спушти на Земјата сите три ракети. Кога Falcon Heavy ракетите за првпат полетаа во февруари минатата година, само две од нив се вратија на Земјата целосни и неоштетени.

Проблемот беше во тоа што едната од нив не можеше да ги активира сите три мотори поради тоа што немаше доволно гориво. Наместо да слета на водената платформа, ракетата се нурна во океанот со брзина од 480 километри на час.

Меѓутоа, сега SpaceX успеа да ги приземји сите три ракети чии унапредени и подобрени верзии се познати под името Block 5. Оваа верзија на вселенските летала е направена за повторно користење, што ја олеснува мисијата на SpaceX бидејќи компанијата може да ги приземји и потоа да ги испрати во нови мисии.

Првиот обид за приземјување на ракета од типот Falcon Heavy се случи во 2015 година, кога ракетата експлодираше на платформата за слетување. Потоа SpaceX имаше уште неколку обиди, пред конечно да успее да приземји најпрво една, а потоа и три ракети одеднаш.

Коментирај