Македонија

Спасовски: Градиме Центар за опоравување од катастрофи, единствен во регионот

5. декември 2019 - 16:15 | МИА

Прилеп, 5 декември 2019 (МИА) – Заврши првата, градежна фаза, а во јуни наредната година ќе профункционира првиот и единствен Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата (ИКТ Центар) кој се гради со средства од Европската Унија и е прв капитален проект на Министерството по дваесетина години, значаен за безбедноста на граѓаните. Ова го нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред претставниците на Министерството и на прилепските локални власти.

Според Спасовски со изградбата на овој објект ќе бидеме подготвени во случај на онеспособување на примарните системи при непогоди.

- Целта на изградбата на Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата, е тој да обезбеди постојаност во работењето и извршувањето на потребните активности и зачувување на податоците во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. Со изградбата на овој објект, кој е од исклучителна важност како за Министерството за внатрешни работи, така и за другите државни институции, сакаме да бидеме подготвени за да обезбедиме функционирање на виталните информациски системи во случај на евентуално онеспособување на примарниот информатички систем поради природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. Во работењето на овој центар, покрај МВР можат да земат учество сите државни институции кои имаат таква потреба, согласно законските надлежности, рече Спасовски, обраќајќи им се на присутните.

 

 

Изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион, каде една државна институција гради модерен објект за свои потреби. Првата, градежната фаза, која заврши чини 3,4 милиони евра, а целосно, центарот кој се гради во три фази е во вредност од преку 11 милиони евра. Спасовски нагласи дека во моментов во МВР во тек се два ИПА проекти.

- Во рамките на МВР, во моментов во тек се два ИПА проекти, кои имаат крајна цел: целосна функционалност и оперционализација на Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата. Во рамки на ИПА програмата за 2014 година, во тек е проектот за „Набавка на опрема за имплементација на Системот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата и модернизација на ИТ инфраструктурата во седиштето на Министерството за внатрешни работи - Лот 1“. А во рамките на националната ИПА програма за 2015 година, започна со имплементација рамковниот проект „Имплементација на систем за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата - фаза 2“, кој има за цел да ги воспостави процедурите за функционирање на Центарот и секако, да обезбеди обука за вработените, рече Спасовски.

Центарот се очекува целосно да профункционира во јуни 2020 година.

 

 

Коментирај