Studio A24 објави трејлер за драмата Queer со Даниел Крег и Дру Старки во главните улоги.

Филмот во режија на италијанскиот режисер Лука Гвадањино, познат по филмовите Challengers и Call Me by Your Name, е снимен по сценарио на Џастин Курицкес, а ќе излезе на крајот на ноември.
Queer е заснован на полуавтобиографски роман на Вилијам Бароуз и е сместен во Мексико Сити во текот на 40-тите. Ја следи приказната за Вилијам Ли (Даниел Крег), американски иселеник кој живее во изолација, меѓу американски студенти и сопственици на барови. Ли станува опседнат со Јуџин Алертон (Дру Старки), поранешен американски морнар и зависник од дрога, кој иако првично бил рамнодушен кон него, на крајот се зближува со Ли.
Покрај Крег и Старки, во филмот играат и Џејсон Шварцман, Лесли Менвил, Омар Аполо, Дејвид Ловери, Хенрик Зага, Колин Бејтс и други ѕвезди.
Филмот имаше светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, каде што се натпреваруваше за Златен лав и доби деветминутни овации по проекцијата. По Венеција, филмот беше прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Торонто и на филмскиот фестивал во Њујорк, пренесува Variety.
Драмата содржи бројни експлицитни љубовни сцени меѓу Вилијам Ли и Јуџин Алертон, а режисерот Гвадањино рече дека се надева дека публиката ќе види повеќе од само секс во филмот.
Откако Studio А24 го објави трејлерот, фановите побрзаа на социјалните мрежи да споделат колку им се допаѓа. Најмногу пофалби доби режисерот Лука Гвадањино, за кој напишаа дека снимил вистинско уметничко дело.
„Лука Гвадањино, што ни правиш?“, „Даниел, Дру и Лука се тројцата што ни требаа на сите“, „Ова изгледа неверојатно, секој кадар изгледа како уметност“, „Трејлерот изгледа неверојатно. Лука Гвадањино навистина никогаш не разочарува " .
„Ова е поезија во филмска форма“, „Трејлерот не покажува ни половина од тоа колку е навистина добар овој филм“, „Сè изгледа спектакуларно“, „Плачев кога го гледав овој филм на фестивалот во Венеција“, се само некои од многуте коментари на трејлерот.