Македонската репрезентација вечерва игра важен квалификациски натпревар против Казахстан, а денешниот ден во македонскиот фудбал е запомнет и по убаво и по лошо.
Денешниот ден, 13 октомври, во македонскиот фудбал е одбележан со два крајно спротивставени настани: првиот, историски и со златни букви испишан натпревар и победа, а другиот јубилеен натпревар број 100, но и голем срам засекогаш запишан со црни букви.
Пред точно 32 години македонската репрезентација за прв пат истрча со црвено-жолтите дресови и го одигра првиот официјален натпревар. Гостуваше кај Словенија во градот Крањ на пријателска, и успеа да победи со 4:1, резултат кој засекогаш ќе остане испишан со златни букви во македонската фудбалска историја. Тогаш датумот 13-ти не беше баксузен, а не беше ни петок, беше среда.
Иако тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија сѐ уште не беше примен ниту во ФИФА ниту во УЕФА, светската куќа на фудбалот даде зелено светло македонската репрезентација да игра меѓународни пријателски натпревари. ФСМ закажа двомеч со Словенија со тоа што првиот натпревар беше договорено да се игра на гости на 13 октомври, а реваншот на 23 март наредната година во Скопје. Имало и понуда од Бугарија за наше гостување во Софија во септември, меѓутоа терминот не им одговарал на оние фудбалери што настапувале во странски клубови, па понудата била одбиена. Претходно имало разговори и за пријателска со Русија, но преговорите не вродиле плод.
Словенечката репрезентација во натпреварот влегла далеку поподготвена бидејќи веќе имала одиграно натпревари, за разлика од македонските фудбалери кои освен неколку неофицијални натпревари против клубови и селекцијата на новинарите, за нив ова бил прв вистински предизвик.
Селекторот Андон Дончевски тогаш на располагање ги имал речиси најдобрите. На голот бил Зоран Мицевски; во одбраната Кире Грозданов, Бобан Бабунски, Зоран Јованоски и Илија Најдоски, во средината Драги Канатларовски, Љупчо Марковски, Чедомир Јаневски и Тони Мицевски, а во нападот Зоран Бошковски и Дарко Панчев како капитен. На клупата биле Сашо Милошевски, Горан Георгиевски, Неџмедин Мемеди, Ванчо Мицевски и голманот Лазо Липоски кој бил единствен кој не добил минутажа и можност да дебитира.
На првиот македонски гол не се чекало многу. Третата минута била во тек кога Панчев се пробил по левата страна и прецизно му сервирал на Бошковски во шестнаесетникот, а пак голгетерот популарно наречен Чоко ја затресол словенечката мрежа испишувајќи историја. Потоа Македонија постигнала уште три голови и тоа преку Панчев и Јаневски од белата точка, како и Канатларовски, додека за Словенија единствениот гол бил дело на Јанез Пате.
За натпреварот во Крањ да има една крајна противречност постои случката од истиот денешен датум, исто така една среда, но многу години подоцна и една сосема друга генерација на фудбалери. Во 2004 година македонската репрезентација го допре дното забележувајќи го најпонижувачкиот пораз во историјата - кога загуби од слабата Андора.
Само три дена претходно репорезентацијата имаше одлично издание во Скопје против Холандија, кога против светската велесила одигра 2:2. Но, потоа следуваше шок и неверување за фудбалската јавност. Македонија гостуваше кај малата пиринејска државичка чија репрезентација не знаеше за победа во официјален натпревар. Тоа беше 4. коло од Групата 1 во рамките на квалификациите за Мундијалот кој во 2006 година се одржа во Германија.
Македонските фудбалери никако не можеа да го скршат отпорот на мотивираните аматерски домашни играчи, а шокот стигна точно по еден час игра. Марк Бернаус ја затресе мрежата на голманот Јане Николоски за огромна радост на Андорците.
До крајот остануваа половина час, сосема доволно не само да се израмни, туку и да се направи комплетен пресврт против репрезентација од рангот на Андора. Но, резултатот остана непроменет, а македонските фудбалери со неверување на лицата заминаа во соблекувалната.
Тоа беше тежок удар, црн ден во македонската фудбалска историја, односно најцрн кој се надеваме нема да биде надминат. За бламажата да биде поголема говори и фактот што овој натпревар требаше да биде големо славје бидејќи беше тој стоти официјален за Македонија. Наместо голема победа, стотката и натаму ја паметиме по срамот кој се случи на „Ајшоваљ“ стадионот во Андора Ла Веља.
Тоа пиринејско пладне вечно ќе ги прогонува сите кои настапија за Македонија, а тоа беа: Јане Николоски; Горан Ставревски, Игор Митрески, Милан Стојановски, Александар Митрески (78' Васко Бижиновски), Игор Јанчевски, Ванчо Трајанов (46' Александар Бајевски), Влатко Грозданоски, Артим Шаќири, Ацо Стојков и Горан Пандев. На клупата беа уште и Горан Попов, Панче Ќумбев и голманот Гого Јовчев, додека селектор беше Драги Канатларовски, еден од јунаците од Крањ.
Резултатот како гром одекна во фудбалскиот свет, дури имаше и обвинувања за местење бидејќи во кладилници на Далечниот Исток наводно имало големи уплати. ФИФА отвори истрага која не даде резултат. Колку и да сакавме да се тешиме дека можеби сме им пуштиле на Андорците поради кладилница, болната вистина е дека нѐ победија фер, дека самите сме виновни за големиот срам кој пукна таму некаде на Пиринеите.
Репрезентацијата уште трипати има играно на денешниот ден. По гореопишаните два на 13 октомври наредниот дојде дури во 2018 година во рамките на првата сезона од Лигата на нации. Тогаш во Скопје допатува Лихтенштајн и дома си замина со пораз од 4:1. Беше сабота. Александар Трајковски, кој и вечерва е во составот, погоди двапати, Горан Пандев еднаш, а еднаш и Езѓан Алиоски, кој исто така се очекува да истрча вечер.
Тогаш настапија: Столе Димитриевски; Егзон Бејтулаи (77' Стефан Ристовски), Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Езѓан Алиоски, Енис Барди, Елиф Елмас, Ферхан Хасани, Горан Пандев (к) (68' Бобан Николов), Александар Трајковски и Илија Несторовски (83' Стефан Спировски).
Наредната 2019 година на истиот ден следуваше дуел со Полска во рамките на квалификациите за ЕУРО 2020. Се играше во полската престолнина Варшава, денот беше недела, а Полјаците славеа со 2:0 со голови постигнати во последните 15-ина минути преку Пжемислуав Франковски и Аркадиуш Милик.
Македонија играше во состав: Столе Димитриевски; Кире Ристевски, Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу, Стефан Ристовски (81' Марјан Радески), Езѓан Алиоски, Бобан Николов (88' Ѓорги Стоилов), Стефан Спировски, Елиф Елмас, Горан Пандев (к) и Илија Несторовски (74' Александар Трајковски).
Потоа во 2024 година на 13 октомври (недела) Македонија оствари победа од 2:0 на гостувањето кај Ерменија во Ереван со головите на Бојан Миовски во 72. минута и на Исник Алими во 85-тата. На клупата беше сегашниот селектор Благоја Милевски. Тоа беше натпревар од Лигата на нации сезона 2024/2025.
Во Ереван играа: Столе Димитриевски; Бојан Димоски (54' Тихомир Костадинов), Никола Серафимов, Ѓоко Зајков, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Исник Алими, Енис Барди (к) (86' Стефан Ашковски), Јани Атанасов (54' Дарко Велковски), Елиф Елмас и Бојан Миовски (79' Милан Ристовски).
Одиграни натпревари на 13 октомври: 5
победи: 3
нерешени: 0
порази: 2
гол-разлика: 10:5
По денови на 13 октомври:
понеделник: прв натпревар денес (Казахстан)
вторник: нема натпревари
среда: 2 (Словенија и Андора)
четврток: нема натпревари
петок: нема натпревари
сабота: 1 (Лихтенштајн)
недела: 2 (Полска и Ерменија)