Легендата на „Црвено-црните“ и прв селектор на македонската репрезентација, Андон Дончевски, е прогласен за почесен претседател на Вардар.
Популарниот Чичко Дончо речиси целата своја фудбалска кариера ја мина во Вардар со 335 настапи и 217 постигнати голови. Иако сега има 89 години и живее во Австралија, често доаѓа во татковината и дава несебична поддршка за неговиот Вардар и за репрезентацијата на Македонија.
На синоќешната седница на Одборот на директори на клубот, беше донесена одлука Дончевски да се прогласи за почесен претседател на Вардар.
„На редовната седница на Одборот на директори на АД ФК Вардар одржана на 07.08.2025, едногласно беше прифатен предлогот на неизвршниот директор Мартин Гелев, легендата на македонскиот фудбал и на Вардар, АНДОН ДОНЧЕВСКИ да биде прогласен за ПОЧЕСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ на клубот“, соопшти Вардар.
Дончевски играше за Вардар кога во 1961 година ја освои својата единствена титула во Купот на маршал Тито, а го водеше Вардар и во сезоната 1986/1987 кога стана шампион на Југославија, титула која подоцна му беше скандалозно одземена и доделена на Партизан.