Американскиот напаѓач Фоларин Балогун конечно проговори по контроверзната одлука на ФИФА, која и покрај црвениот картон му дозволи да игра против Белгија во осминафиналето на Светското првенство.
Балогун се најде во центарот на еден од најголемите скандали во модерната историја на Светските првенства. Откако првично беше суспендиран, со неверојатна одлука на ФИФА, за која се тврди дека е донесена под директен притисок од американската администрација и Доналд Трамп, неговата суспензија беше укината непосредно пред осминафиналниот натпревар во Сиетл.
Сепак, „помилуваниот“ напаѓач не успеа да стане национален херој на преполниот „Лумен Филд“. Белгијците доминираа, дефанзивците целосно го неутрализираа, а САД се збогуваа со Светското првенство со тежок пораз од 4:1. Видливо потресен и свесен за сериозноста на ситуацијата, Балогун конечно одговори на прашањата за сè што се случило.
Кога го прашаа како ги доживеал последните часови во кои станал најзборуваниот и најконтроверзен фудбалер во светот, Балогун рече:
„За мене беше едноставно: ја прифатив одлуката кога ми беше покажан црвен картон против Босна и Херцеговина, и на ист начин ја прифатив одлуката да се поништи суспензијата и да играм. Потоа излеговме на теренот, а Белгија едноставно беше подобра од нас“, рече Балогун, како што објави La Gazzetta dello Sport.
Американскиот напаѓач призна дека не му е јасно како тимот играл толку лошо и безкрвно против Белгија.
„Тешко е да се каже точно што се случи, но не игравме добро. Не знам како може да немате енергија во осминафинале на Светско првенство, но тоа ни се случи. Сега мора да чекаме уште четири години за ваква можност и навистина боли.“
Укинувањето на црвениот картон предизвика негодување низ целиот свет и обвинувања за корупција во ФИФА. Кога го прашаа дали очекувал ситуацијата да добие вакви размери, па дури и да го вклучи претседателот на САД, Балогун остана резервиран.
„Кога ќе добиете црвен картон, очекувате да го пропуштите следниот натпревар. Ако таа одлука се поништи, логично е дека тоа ќе предизвика контроверзии, па затоа не сум изненаден од реакциите. Но, јас сум само фудбалер. Мојата работа е да излезам на теренот и да се фокусирам на мојата задача.“
Кога беше прашан колку знае за настаните зад сцената, адвокатите и телефонските повици од Белата куќа, тој инсистираше дека е целосно исклучен од процесот:
„Повторувам, јас само ги почитував одлуките на ФИФА. Не ги знаев деталите и не бев вклучен во постапката, едноставно не беше моја работа.“
Иако Белгијците, како и остатокот од јавноста, беа огорчени поради неговиот настап, Балогун беше виден во срдечен разговор со селекторот на Белгија, Руди Гарсиа, по натпреварот.
„Го познавам, па отидов да му честитам. Ми рече дека се надева дека целата оваа ситуација нема да го засени фантастичниот турнир што го одиграв. Ме охрабри да останам позитивен. Кога емоциите ќе се смират, мислам дека ќе можам да се осврнам наназад и да сфатам дека имавме извонредно лето. Успеавме да ја обединиме земјата и да го доближиме фудбалот до многу луѓе.“
Во врска со самиот скандал, кој, без сомнение, ќе се анализира долго време, Балогун на крајот рече:
„Знам дека ќе морам да се соочам со ова. Најважно за мене сега е да ги соберам моите мисли, и кога ќе дојде вистинското време, ќе можам да зборувам за сè со многу поголема јасност.“