Македонската репрезентација прв пат во 2026 година ќе игра на домешен терен, а капитенот Енис Барди очекува голема поддршка од навивачите за да се дојде до позитивен резултат против силната Швајцарија.
„Имаме одлична атмосфера, среќни сме што повторно сме заедно и подготвени сме за максимум. Очекуваме голема поддршка од навивачите, тоа многу ни значи. Играме во Скопје, ова е нашиот дом и треба да го покажеме нашиот идентитет. Многу ни значи полн стадион и свесни сме дека пред нас е тежок натпревар“, рече Барди на денешната официјална прес-конференција.
Барди е назад во тимот откако ги пропушти подготвителните натпревари во мај и јуни поради повреда.
Македонија оваа 2026 година нема играно на домашен терен. Во март двапати гостуваше, кај Данска во мундијалскиот бараж и потоа кај Ирска на пријателската помеѓу двете поразени во баражот. Потоа гостуваше и во вториот репрезентативен прозорец, прво на крајот од мај кај Босна и Херцеговина, а на почетокот на јуни кај Турција.
Дуелот со Швајцарија е прв од новата сезона во Лигата на нации, а се игра в сабота од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.