Бразилецот Вилтон Сампају е назначен од ФИФА да го суди првиот натпревар од Светското првенство, кој ќе се игра в четврток, а во кој ќе се сретнат кодомаќинот Мексико и Јужна Африка. Колумбиецот Николас Гаљо ќе биде главен судија во ВАР собата.
Вилтон има 44 години и е на листата на ФИФА од 2013 година. Беше ВАР судија на Светското првенство 2018, а судеше и на Арапскиот куп 2021 и на Светското првенство 2022 во Катар.
Интересно е што неговиот помлад брат Савиу Перејра Сампају е исто така ФИФА судија од 2022 година.
Натпреварот на отворањето меѓу Мексико и Јужна Африка всушност ќе биде реприза на отворањето во 2010 година кога домаќин на Мундијалот беше Јужна Африка. Тогаш мечот во Јоханесбург заврши 1:1.
ФИФА ги назначи судиите за следните три натпревари.
Натпреварот помеѓу Јужна Кореја и Чешка ќе го суди Египќанецот Амин Мохамед, а неговиот сонародник Махмуд Ашур ќе биде ВАР судија. Натпреварот помеѓу Канада и Босна и Херцеговина ќе го суди Аргентинецот Факундо Тежо, а неговиот сонародник Ернан Мастранџело ќе биде во ВАР собата. Натпреварот САД - Парагвај ќе го води Холанѓанецот Дани Макели, а Шпанецот Карлос дел Серо Гранде ќе биде главен во ВАР собата.
The match officials for @FIFAWorldCup matches 1, 2, 3 and 4 have been appointed. 🤝
— FIFA (@FIFAcom) June 8, 2026
Кога станува збор за судиите, вчера, големо внимание привлече веста дека на судијата од Сомалија, Омар Абдулкадир Артан, му е забранет влез во САД, па веројатно нема ни да се појави на Светското првенство. Патем, тој е официјално најдобриот судија во Африка за 2025 година.