Голманска вртелешка се подготвува во финишот на летниот преоден рок. Бразилскиот голман Едерсон (31) е на прагот да се пресели во Галатасарај, што значи дека на негово место ќе дојде Џиџи Донарума, кој е пречкртан во ПСЖ.
Едерсон се договорил со актуелниот шампион на Турција. Ќе потпише договор до 2028 година, со плата од 7 милиони евра годишно, со бонуси, тврди италијанскиот инсајдер Николò Скира, без да наведе колкава сума Сити ќе заработи од трансферот на Бразилецот.
Со доведувањето на Едерсон, Галатасарај ќе го комплетира неверојатниот преоден рок, во кој, меѓу другите, успеаја да ги купат Виктор Осимхен и Лерој Сане.
Заминувањето на долгогодишниот прв чувар на мрежата од Сити може да значи само едно, дека Донарума ќе слета на „Итихад“.
Во претходните четири години, Џанлуиџи Донарума беше прв голман на ПСЖ и еден од најзаслужните што овој тим конечно стигна до титулата во Лигата на шампионите минатата сезона.
Сепак, на почетокот од подготовките за новата сезона, овој 26-годишник ги шокираше сите со одлуката да одбие продолжување на договорот, што беше јасен знак за ПСЖ дека мора да се ослободат од него што е можно поскоро.
Дека не сметаат на Донарума стана јасно кога Луис Енрике не го зеде во ростерот за мечот во Суперкупот на УЕФА.
„Од првиот ден откако пристигнав во клубот, дадов сѐ од себе и надвор и на теренот за да го заслужам моето место на голот на ПСЖ. За жал, некој одлучи дека повеќе не можам да бидам дел од овој тим, што ме разочара и ми го скрши срцето“, рече популарниот Џиџо.