ФИФА планира да го измени својот дисциплински правилник за да спречи повторување на случајот со Фоларин Балогун, но предлогот предизвикува нови конфликти и контроверзии, пренесува британскиот весник The Telegraph.
Критичарите тврдат дека измената е осмислена за да ги заштити ФИФА и нејзиниот претседател, Џани Инфантино, од одговорност.
Според предложената измена, ФИФА повеќе не би можела да ја одложува автоматската суспензија од 1 натпревар за играчите што добиле директен црвен картон. Членовите на Советот на ФИФА го добија предлогот во вторникот, иако тој не беше на дневниот ред објавен две недели претходно. Советот брои 37 члена, а гласањето за измената е закажано за четврток во Цирих.
Предлогот доаѓа три месеци откако американскиот напаѓач Фоларин Балогун избегна автоматска суспензија, и покрај тоа што беше исклучен за време на натпреварот против Босна и Херцеговина на Светското првенство ова лето.
Скандалот изби кога американскиот претседател Доналд Трамп си припиша заслуги за исходот, откривајќи дека му се јавил на Инфантино за да побара од него да интервенира.
Инфантино негираше дека влијаел врз одлуката. Таа беше донесена од претседателот на Дисциплинската комисија на ФИФА врз основа на малку познато правило за одложување на дисциплинските мерки. Притоа, беше занемарено правилото што наложува автоматска суспензија од 1 натпревар за директен црвен картон – правило што беше посебно нагласено во дописот испратен во мај до сите национални тимови што се квалификуваа за Светското првенство.
Одлуката предизвика остри реакции, при што УЕФА изјави дека ФИФА ја преминала границата. „Изразуваме неверување поради ваквата одлука без преседан, која е неразбирлива и неоправдана“, соопштија од УЕФА.
Скандалот дополнително се продлабочи кога се откри дека Инфантино подготвувал продажба на удели во Светското првенство во вредност од 15 милијарди фунти, во која биле вклучени личности поврзани со Трамп.
Fifa is planning to change its rules to prevent a repeat of the Folarin Balogun scandal. But it faces a fresh row over the proposed amendment to its disciplinary code amid accusations it is designed to absolve the governing body, and president Gianni Infantino, of any wrongdoing. @ben_rumsby has the details ⤵️ https://t.co/kSwA98Y93a
— Telegraph Football (@TeleFootball) October 14, 2026
Предложената измена би се однесувала само на автоматските суспензии од еден натпревар. ФИФА би го задржала правото на дискрециона одлука за одложување на подолги суспензии, како што тоа го стори во ноември, кога Кристијано Роналдо беше исклучен поради удирање со лакт врз Дара О'Ши за време на квалификацискиот натпревар во кој Португалија загуби од Ирска.
Роналдо отслужи суспензија од само 1 натпревар и не пропушти ниту еден натпревар на Светското првенство. Дисциплинскиот правилник на ФИФА предвидува минимална суспензија од 3 натпревари за насилно однесување.
Предлогот доаѓа една недела откако беше обелоденето дека ДР Конго учествуваше на Светското првенство и покрај тајната одлука со која се утврдило дека, повеќе од 4 години им играл голман кој немал право на настап.
Конгоанската федерација не успеала соодветно да го регистрира Лионел Мпаси – голман роден во Франција – за националниот тим, но сепак не се соочила со значителни санкции. Шефот на конгоанскиот фудбал, Верон Мосенго-Омба, е близок пријател на Инфантино; двајцата студирале заедно во Швајцарија.
Минатата недела, Норвешката фудбалска федерација (НФФ) поднесе пријави против Инфантино до Етичкиот комитет на ФИФА, како и до Комитетот за управување, ревизија и усогласеност. Пријавите се однесуваат на случајот Балогун, планираната продажба на удел во Светското првенство и Наградата за мир на ФИФА доделена на Трамп.
Инфантино на седницата се соочува и со прашања во врска со „втората плата“ што наводно соодветно не ја пријавил. Според документите на американската Управа за приходи (ИРС), подружницата одговорна за организацијата на последното Светско првенство му исплатила 1,76 милиони долари – сума што не е наведена во годишниот извештај на ФИФА. За 2024 година, ФИФА објави дека Инфантино заработил 4,27 милиони швајцарски франци.
УЕФА поднесе тужба во САД со барање Инфантино да ги обелодени сите материјали поврзани со планираната продажба; одлука сè уште не е донесена. Европското раководно тело, исто така, подготвува кривична пријава против претседателот на ФИФА во Швајцарија поради лошо управување.
Инфантино негира каква било одговорност за сите овие прашања. Според весникот The Telegraph, ФИФА нема дадено коментар.