Квалификациите за Светското првенство годинава донесоа многу возбудувања, неочекувани и необични ситуации, а една таква може да му се случи и на Брегот на Слоновата Коска.
Репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска сè уште нема примено гол во квалификациите. Девет од 10-те кола од африканските квалификации се одиграни, а „Слоновите“ го држат првото место со неверојатна гол-разлика од 22:0.
Тимот, кој е и фаворит во Групата Ф, го држи првото место со скор од 7 победи и 2 нерешени, но дури ни тоа не е гаранција за пласман на Светското првенство во Канада, САД и Мексико.
Габон заостанува зад нив само со еден бод пред финалното коло закажано за денеска.
Доколку Брегот на Слоновата Коска запише неуспех против Кенија, а Габон победи против Бурунди, тогаш Иворците нема да патуваат во Северна Америка наредниот јуни, но ќе имаат шанса преку баражот.
Би било интересно Брегот на Слоновата Коска и Кенија да одиграат нерешено без голови. Во тој случај, популарните „Слонови“ би биле елиминирани од квалификациите без да примат ниту еден гол во сите 10 натпревари.
Иворците се фаворити против Кенија, а играат и на домашен терен на стадионот „Аласан Уатара“ во Абиџан. Габон исто така игра дома, а двата натпревара се играат од 21 часот.
За потсетување, Африка вчера ја пречека својата 14-та репрезентација во историјата која се квалификуваше за Мундијал, а воедно и најмалата земја по површина што некогаш се квалификувала. Тоа е островската репрезентација на Зелен 'Рт, која сензационално ја освои групата пред фаворизираниот Камерун.