Фудбалерот на Интер, Бенжаман Павард, ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Барселона поради повреда на левиот глужд, објавија италијанските медиуми.

Павар се повреди во неделата за време на првенствениот натпревар против Рома (0:1) и нема да патува за Шпанија, објавија L:a Gazzetta dello Sport и Sky Italia.
Францускиот фудбалер се повреди при дуел со противнички играч. Откако доби помош се обиде да ја продолжи играта, но набрзо мораше да го напушти теренот.
Италијанските медиуми објавија дека Маркус Турам, кој ги пропушти последните три натпревари поради повреда на мускулот, би можел да се врати во тимот на Интер.
Во последните осум дена Интер претрпе три порази, во првенството против Болоња (0:1) и Рома (0:1) и во реваншот од полуфиналето на Копа Италија против Милан (0:3).
До минатата недела Интер беше во трка за тројната круна, но по елиминацијата од купот тоа веќе не е можно.
Тимот се бори за два трофеја, во Лигата на шампионите и во Серија А, во која, по два последователни порази, падна на второто место на табелата со 71 бод, три помалку од водечкиот Наполи.
Првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Интер и Барселона ќе се игра в среда од 21:00 часот во Шпанија.
Во второто полуфинале, вечерва во Лондон, Арсенал го пречекува Пари Сен-Жермен во 21:00 часот.