Репрезентацијата на Хаити се соочи со неочекувана промена пред долго очекуваниот камбек на Светските првенства, бидејќи мораше да го прилагоди дизајнот на дресот поради одлука на ФИФА.
Причина е контроверзниот визуелен мотив што ја прикажува историската Битка за Вертјер во 1803 година, настан од клучно значење во борбата на Хаити за независност. Светската фудбалска федерација пресуди дека таквите елементи не можат да бидат дел од спортска опрема, бидејќи прописите забрануваат политички, религиозни и слични пораки на дресовите.
По реакцијата на ФИФА, техничкиот спонзор на националниот тим, компанијата Saeta, објави дека дизајнот имал сосема поинаква намена од онаа што му се припишува.
„Дизајнот презентиран од Saeta има за цел да им оддаде почит на мажите и жените кои секојдневно придонесуваат за иднината на Хаити, но не и да има политичка порака“, се вели во соопштението.
Компанијата дополнително објасни дека по повторната евалуација, ФИФА заклучила дека одредени визуелни елементи би можеле да се толкуваат различно, поради што е побарана итна промена на опремата. Како што е наведено, таквото толкување не одговара на првичната намера на дизајнерите, но одлуката на организацијата била прифатена и почитувана.
🚨 BREAKING! 🤯
— Polymarket FC (@PolymarketFC) June 10, 2026
The Haiti National Team will have to change its uniform for the World Cup. 🇭🇹
FIFA has asked Saeta, the company responsible for the uniform's design, to alter it due to potential political messages. 👕
Haiti's jersey features a design of the Battle of Vertières… pic.twitter.com/rZ12QNnmSE
Контроверзните дресови веќе беа користени на пријателските натпревари против Перу (1:2) и Нов Зеланд (4:0), но ќе бидат променети за Светското првенство во согласност со правилата на натпреварувањето.
Битката за Вертјер била последната фаза од Хаитската револуција помеѓу островското население и француските сили. Завршила со победа на хаитските бунтовници и со тоа завршило француското владеење на Хаити. На 1 јануари 1804 година Хаити прогласил независност како првата република во Новиот свет со доминантно црно население.
Хаити ќе го игра својот прв натпревар на Светското првенство во сабота против Шкотска, а потоа ќе следат натпревари против Бразил на 19 јуни и Мароко пет дена подоцна.
Оваа карипска островка земја се враќа на Мундијалите по цели 52 години откако дебитираше на Мундијалот 1974 во Западна Германија. Тогаш во група со Италија (1:3), Полска (0:7) и Аргентина (1:4) заврши на последното место без бодови и со гол-разлика 2:14.