Вечерва на стадионот „Емирејтс“ во Лондон ќе го добиеме првиот финалист на годинашната Лига на шампиони. Тоа ќе биде домашниот тим Арсенал или Атлетико од Мадрид, а по првиот меч одигран минатата недела сè е отворено.
За потсетување, во Мадрид беше 1:1 во исклучително тежок натпревар, што беше очекувано, со оглед на игрите што ги пружија двата тима оваа сезона.
Двата гола на првиот дуел беа постигнати од пенали, стрелец за Арсенал беше напаѓачот Виктор Ѓекереш, додека за Атлетико го постигна Хулиан Алварес.
Арсенал, кој е лидер во Премиер лигата со три кола до крајот, беше елиминиран во полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона од тимот кој потоа стана шампион, ПСЖ.
„Едвај чекам. Ја чувствувам енергијата во тимот и околу него, нашите навивачи, па ова се моментите што сакаме да ги живееме заедно. Направивме многу работа како клуб, како тим, по 20 години повторно да бидеме во оваа позиција, и сме толку гладни да го добиеме натпреварот и да се пласираме во финалето. Кога сте пред таква можност, тоа значи дека сте подготвени да испорачате, а тимот ќе се потруди од првата минута да испорача“, рече Микел Артета.
Set the tone. pic.twitter.com/JStWMrWXZy
— Arsenal (@Arsenal) May 4, 2026
Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, изјави дека неговиот тим го сменил хотелот за реваншот во Лондон откако отседнаа на друга локација кога загубија со 4:0 во лигашката фаза од Арсенал. Се пошегува дека одлуката е донесена поради цената, и покрај извештаите во шпанските медиуми кои сугерираа дека станува збор за суеверие.
„Сега сме во подобра форма отколку во октомври. А, хотелот беше поевтин. Затоа го сменивме“, рече Симеоне.
„Без разлика колку ние тренерите размислуваме за тоа, фудбалот зависи од играчите, само треба да ги подготвиме на најдобар можен начин. Верувам дека искуството и времето носат смиреност, а не пасивност, и душевен мир за да се влезе во ваков натпревар. Ќе им кажам на моите играчи да играат како што играа во второто полувреме дома. Ќе се обидеме да ја играме играта како што треба да се игра, со интензитетот што го бара. Имаме голема верба во она што го правиме“, вели Симеоние.
Во однос на повредите, Алварес - кој има 20 гола и 9 асистенции во 48 натпревари во сите натпреварувања сезонава - е вклучен во гостинскиот состав на Атлетико откако беше заменет кон крајот на првиот натпревар, оставајќи го неговото учество во вечерашниот натпревар под знак прашалник.
„Хулиан е многу важен во овие натпревари. Тој ја познава лигата многу добро. Минатата недела натпреварот беше многу добар. Се надевам дека ќе може да одговори на начинот на кој натпреварот бара“, рече стратегот на „Јорганџиите“, кој треба да го има во составот закрепнатиот Александер Серлот.
Que la Fuerza te acompañe, Club Atlético de Madrid. pic.twitter.com/a68L3X459W
— Atlético de Madrid (@Atleti) May 4, 2026
Кој ќе завери билет за финалето во Будимпешта на 30 мај ќе дознаеме вечерва околу 23 часот, или подоцна доколку има продолженија.
Веројатни состави:
Арсенал: Раја; Вајт, Салиба, Габриел, Инкапје; Субименди, Рајс, Езе; Сака, Ѓекереш, Мартинели.
Не играат: Мерино (стапало), Тимбер (препони)
Неизвесни: /
Атлетико: Облак; Љоренте, Пубиљ, Ле Норман, Руџери; Симеоне, Коке, Кардосо, Лукман; Алварес, Гризман.
Не играат: Бариос (бут), Гименес (мускул), Гонсалес (бут)
Неизвесни: Серлот (тетива)
Судии
Правдата ќе ја дели Даниел Зиберт, а ќе му помагаат Јан Зајдел и Рафаел Фолтин, додека четврти ќе биде Тобиас Штилер. Во ВАР собара главен ќе биде Бастиан Данкерт со асистентот Роберт Шредер. Сите судии се од Германија.
Пренос:
Директниот пренос за територијата на Македонија ќе биде на Arena Premium 1 од 21:00 часот.
A spot in Budapest up for grabs 🤩#UCL pic.twitter.com/XCMJWKVhsP
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) May 5, 2026