Себастијан Ерера Кардона по години чекање и игнорирање од поранешните селектори конечно дочека да добие повик од земјата која му стана втора татковина.
Ерера на свои 20 години дојде во Работнички. Пет години играше како лев бек за клубот од скопската населба Дебар Маало, со што според правилата на ФИФА се стекна со право и да игра за Македонија. Но, иако во Работнички играше и под водство на Игор Ангеловски, тој потоа во целиот свој селекторски мандат не го повика. Го игнорираше и неговиот наследник Благоја Милевски, а сега Гоце Седлоски му ја оствари догопосакуваната желба.
„За мене ова е нешто најголемо што може да се случи во мојата кариера, да го облечам дресот на Македонија. Навистина е чест и огромно задоволство што сум тука. Ќе дадам сè од себе за да ѝ помогнам на репрезентацијата. Ова го посакував, го чекав и го сонував долго време и среќен сум што конечно дојде моментот. Со нетрпение очекувам да започнеме“, се првите зборови на Ерера како репрезентативец.
Тој одамна зборува македонски јазик, има македонски пасош, а додека чекаше повик се ожени со Македонка и има дете. Во јуни 2020 токму Кајгана објави интервју со него. Денес настапува за бањалучки Борац, а откако замина од Работнички играше и за унгарски МТК, штипска Брегалница и кипарска Докса.
„Најважно е да бидеме тим, сите заедно. Знам дека на мојата позиција Алиоски има големо искуство и многу години во репрезентацијата, и тоа е дополнителна мотивација. Очекувам тежок натпревар. Данска е силна репрезентација, но ние се фокусираме на нас самите. Верувам дека натпреварот е 50-50 и дека сè зависи од нас. Одиме максимално мотивирани и се надевам на позитивен резултат, зошто да не и пласман во финале.“
Ерера од неделата е во Скопје каде тренира со репрезентацијата и очекува шанса за деби. Дали тоа ќе се случи на бараж натпреварот в четврток со Данска или на вториот меч наредниот вторник против Ирска или Чешка, ќе одлучи селекторот Седлоски. Бидејќи Алиоски е повреден, а од останатите на списокот нема друг лев бек, Ерера веројатно го чека огнено кршетвање против „Викинзите“.