
Тренерот на Наполи, Антонио Конте изјави дека медиумите треба да му бидат благодарни на неговиот клуб што ја одржува трката за титулата во Серија А.
„Нашата цел е да го направиме Интер нервозен, и тоа го правиме. Заостануваме три бода зад тим кој игра добро во Лигата на шампионите, а е подеднакво успешен и во домашното првенство и куп.
Мислам дека некој од медиумите треба да ни се заблагодари што го одржуваме првенството неизвесно. Да го немаше Наполи, прашањето за шампионот веќе ќе беше решено, немаше да има толку многу емисии за Серија А на телевизија, а ќе се продаваа и помалку весници“, изјави Конте откако неговиот тим во понеделникот на домашен терен го победи Емполи со 3:0 во последниот натпревар од 32. коло на италијанскиот шампионат.
На шест кола пред крајот на првенството на врвот е Интер со 71 бод, а Наполи е втор со 68 бодови. Покрај тоа што се лидери во италијанското првенство, фудбалерите на Интер имаат шанса да се пласираат во полуфиналето на Лигата на шампионите бидејќи минатата недела го победија Баерн на гости со 1:2, а в среда имаат реванш на „Меаца“.
Исто така, во првиот полуфинален натпревар од Копа Италија против градскиот ривал Милан одиграа нерешено 1:1. Реваншот е на 23 април.
Сезонава Наполи прими 13 голови во вториот дел додека водеше, губејќи 10 бодови. По Божик тоа им се случи двапати, прво на гостувањето кај Рома на 2 февруари, кога домаќините изедначија на 1:1 во судиското надополнување на вториот дел, и против Лацио на 15 февруари, кога Наполи водеше со 2:1 до 87. минута, за на крајот да заврши нерешено 2:2.
„Некои ќе кажат дека сега играме поинаку во второто полувреме, а поентата е што поинаку ја диктираме играта, сега доминираме без разлика кој ни е противникот. Ги разубедивме и оние што се сомневаа во нашата подготвеност, очигледно е дека тимот се подобри“, изјави Конте.