Кремонезе по пауза од три години се врати во Серија А. Новата сезона во елитното друштво на италијанскиот фудбал ја започна со сензационална победа на „Меаца“ против Милан (1:2).
И покрај тоа што сезоната започна, Кремонезе планира да донесе уште неколку играчи до крајот на преодниот рок. Тимот од Кремона започна преговори со легендарниот напаѓач на Лестер, Џејми Варди (38), кој е слободен откако го напушти англискиот клуб, пишува Sky Sport Italia.
Иако го прослави својот 38. роденден во јануари, Варди верува дека сè уште може да игра на највисоко ниво.
Стана достапен на пазарот откако му истече договорот со Лестер, клубот каде што помина 13 години и со кој, под водство на тренерот Клаудио Раниери, сензационално ја освои титулата во Премиер лигата во сезоната 2015/2016.
Искуството од работата со италијанскиот стручњак би можело да го охрабри да се испроба во Серија А, што е она на што се надеваат во новиот италијански прволигаш.
Добро познатиот експерт за трансфери, Џанлука Ди Марцио, потврди дека преговорите се во тек и дека Кремонезе вложува големи напори да го убеди англискиот напаѓач дека доаѓањето во Италија е вистинскиот чекор за продолжување на кариерата.
Кремонезе во нападот моментално ги има Федерико Бонацоли (28), Дејвид Окереке (27), Антонио Санабриа (29), Мануел Де Лука (27), Франко Васкес (26) и Денис Јонсен (27).
Варди не е единственото големо име поврзано со клубот. Кремонезе наводно е блиску до договор за позајмица со право на откуп на камерунскиот напаѓач Фарис Мумбања (25) од Олимпик Марсеј.
Инаку, Варди претходно се поврзуваше со Наполи, но очигледно од таков трансфер нема да испадне ништо.