Ливерпул ќе ги исплати преостанатите две години од договорот на загинатиот Диогу Жота на неговото семејство.

Како што објави португалскиот „Рекорд“, клубот од „Енфилд“, откако ќе го повлече дресот со број 20, ќе ги измири и преостанатите две години од договорот, кои ќе му бидат исплатени на семејството на починатиот Жота.
Фудбалскиот свет беше запрепастен од информацијата дека португалскиот фудбалер загинал во сообраќајна несреќа, кога тој и неговиот брат излетале од пат во Шпанија, во близина на португалската граница во областа Самора.
Жота беше член на Ливерпул, каде што пристигна во 2020 година и оттогаш постигна 65 голови во 182 натпревара. Со Ливерпул ја освои Премиер лигата, ФА купот и два Лига купа.
Во текот на својата кариера играше и за Пасуш Ферејра, Атлетико, Порто и Вулверхемптон.
Играше 49 пати за Португалија и постигна 14 голови, двапати освојувајќи ја Лигата на нации.
Погребот на браќата Жота е денеска.