Во третото издание на кампањата Messi +10 на Adidas, Лионел Меси издвои 10 млади фудбалери за кои смета дека ќе ја одбележат иднината на фудбалот.
На списокот се наоѓаат Макс Дауман (Арсенал), Џан Узун (Ајнтрахт Франкфурт), Хилберто Мора (Тихуана), Хесус Родригес (Комо), Кес Смит (АЗ) и Томас Аранда (Бока Жуниорс), како и Завиер Гозо (Кристал Палас).
Овој пат, Меси вклучи и три фудбалерки: Клои Сарви (Челси), Џована Ваксман (Лион) и Лота Вреде (Хамбургер). На списокот нема играчи од регионот.
Аранда е единствениот Аргентинец во избраната група, а – како што пренесува Goal – внимание привлече фактот што Меси не го вклучи Франко Мастантуоно. Дауман, левоног тинејџер од академијата на Арсенал, веќе го споредуваат со самиот Меси поради неговиот дриблинг и контрола на топката.
Гозо (19) го доби својот прв повик за репрезентацијата на САД за време на последната репрезентативна пауза и забележа 1 настап како замена.
На претходните списоци на Меси се наоѓаа играчи како Трент Александер-Арнолд, Фил Фоден, Џејдон Санчо и Мејсон Маунт. Сепак, Sports Illustrated забележува дека не сите ги оправдале очекувањата, бидејќи на претходните списоци имало и имиња како Давиде Калабрија и Каспер Долберг.