Фудбалот, разбирливо, за Лионел Меси падна во втор план откако го загуби својот татко, менаџер и најголем поддржувач. Хорхе Меси почина на 68-годишна возраст од сериозна болест, а Лео на Светското првенство покажа колку му било тешко, кога се расплака откако постигна хет-трик против Алжир и откри дека има семејни проблеми.
Набрзо се дозна дека станува збор за неговиот татко, а помалку од два месеца подоцна, Меси постариот почина. Ова целосно го скрши најдобриот фудбалер на сите времиња и, според странските медиуми, одлучил да направи пауза од фудбалот на неопределено време. Аргентинецот одлучи да ги прекине сите професионални обврски до понатамошно известување за да остане блиску до своето семејство и најблиските. Во овој момент, сосем е непознато кога ќе се врати на теренот - или дури и дали ќе се врати.
Хорхе Меси почина во сабота, 8 август, во Росарио, Аргентина, а приватен погреб се одржа синоќа на гробиштата Ел Прадо на периферијата на Росарио, во аргентинската покраина Санта Фе.
Хорхе Меси со години се грижеше за обврските на својот син надвор од теренот, од преговори и договори до клучни одлуки што ја обликуваа кариерата на Лионел. Неговата улога беше особено значајна во периодот кога Лионел пристигна во Ла Масија како момче.
Меси по завршувањето на Мундијалот беше на одмор, а на клупските обрвски се врати на 2 август кога Интер Мајами играше против Колумбус Кру (2:2) во МЛС. Потоа на 6 август постигна 2 гола и асистираше во 4:2 победата над Атлетико Сан Луис во Лигс купот, што беше негов последен меч засега.