Репрезентација на Македонија вчера одигра пријателски натпревар со Саудиска Арабија во Прага и загуби со 1:2, а по мечот селекторот Благоја Милевски ги даде своите импресии од настапот.
„Рисовите“ поведеоа со фантастичниот гол со ножички на Александар Трајковски во 40-тата минута, но Саудиска Арабија израмни пред паузата со погодокот на Фирас Ал-Бураикан. Победничкиот гол го постигна Абдула Ал-Хамдан во 78. минута по грешно додавање на Енис Барди.
Селекторот Благоја Милевски веднаш по натпреварот даде и анализа на оваа пријателска.
„Има многу моменти од кои сум задоволен, особено затоа што експериментиравме со составот. Добивме уште двајца играчи кои ќе ја засилат конкуренцијата во тимот. Веќе нагласив дека натпреварот со Лихтенштајн е од големо значење за нас, а сè останато служи како подготовка. Одигравме квалитетен меч против силен противник и навистина ми е задоволство што работам со вакви фудбалери. Сите се адаптираат на новата формација и задачите. Против Лихтенштајн ќе бидеме максимално мотивирани, како што сме на секој натпревар“, изјави селекторот.
Репрезентативците доцна синоќа се вратија од Прага и сега ќе се подготвуваат за квалификациски дуел против Лихтенштајн в недела (18:00 часот) на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.