
Иако сам го тврди спротивното и вели дека својата иднина ја гледа во Реал Мадрид, медиумите и фудбалските инсајдери тврдат дека не е невозможно Винисиус Жуниор да прифати неморална понуда од Саудиска Арабија во летните месеци. Доколку тоа се случи, Реал ќе мора да бара квалитетно напаѓачко решение, а прв избор ќе им биде Ерлинг Холанд. Ова го тврди Флоријан Плетенберг, инсајдер на Sky Sports.
Разговорите меѓу Саудијците и крилниот напаѓач на Реал и бразилската репрезентација се водат од 2023. Тој самиот присуствуваше на нив, опкружен со луѓе кои се грижат за неговата кариера, а на средбата беа и најрелевантните личности од саудиската кралска куќа. Тие го уверија Винисиус дека неговата иднина со нив не е само за милионите, туку и за неговата улога како амбасадор на Светското првенство, што ќе се одржи во Саудиска Арабија во 2034 година.
Иако сè уште не е познато во кој клуб би играл Винисиус доколку ја прифати понудата, се знае што би можел да добие доколку реши да го напушти Реал и да ја прифати поканата од Саудиска Арабија.
На еден од состаноците биле агентите на играчот кои разговарале со Саад ал-Лазиз, потпретседател на Саудиската про лига.
„Тој стави неверојатни суми на маса. Винисиус би заработил милијарда евра за пет години или 200 милиони евра по сезона“, објави Marca.
Винисиус има договор со Реал до летото 2027. Неговата ослободителна клаузула е една милијарда евра. Клубот го купи летото 2018 година од Фламенго за 45 милиони евра. Оттогаш, тој одигра 309 натпревари за Реал, постигна 104 и асистираше на 79 гола. Освои три шпански и две европски титули, вкупно 14 титули.
Реал Мадрид е свесен дека таков „тешкаш“ може да се замени само со подеднакво квалитетен играч, а изборот падна на напаѓачот на Сити, Ерлинг Холанд. Неодамна го продолжи договорот до 2034. Претходно и независно од Винисиус се пишуваше дека Реал Мадрид ќе се обиде да ја искористи клаузулата во договорот со клубот од „Етихад“ и да се обиде да го доведе.
Во неговиот претходен договор, со важност до летото 2027 година, наводно пишувало дека би можел да го напушти Сити на крајот од сезоната. Неговата цена за напуштање на англискиот клуб на крајот од минатата сезона изнесуваше околу 180 милиони евра, а секоја година беше помала. Точната цена зависи од курсот на фунтата. Во Мадрид сакаа да ја средат. Англиските медиуми објавија дека овие клаузули се избришани во новиот договор.
Холанд постигна 120 гола и асистираше на 20 во 138 натпревари за Сити. Откако пристигна во клубот во 2022 година, тој освои шест титули со него, од кои една во Лигата на шампионите и две во Премиер лигата.