Висар Муслиу вечерва очекува од македонската репрезентација максимална тимска ангажираност против најквалитетниот противник во нашата група од Лигата Б во Лигата на нации.
„Швајцарија не е само офанзивно силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Не може да говориме само за одбрана, затоа што ќе ни биде потребна тимска игра од напаѓач па до голман. Сите мора да учествуваме дефанзивно ако сакаме да бидеме успешни“, вели Муслиу, кој од позиција на стопер најдобро знае што ѝ треба на последната линија.
Дефанзивецот признава дека резултатите во овој циклус не се онакви какви што очекува јавноста, но нагласува дека тимот мора да покаже реакција.
„Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што го навикнавме народот со добрите резултати. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот. Лигата Б е поквалитетна и тимски и индивидуално, но мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува.“
Муслиу, кој вечерва очекува да го запише 78 натпревар во црвено-жолтиот дрес, упати и апел за поддршка од навивачите, особено во период кога резултатите не се на посакуваното ниво.
„Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро, никој ништо не кажува, но кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Сега ни е најмногу потребна поддршката. Не е исто за нас што немаме победа и гол, но мора да гледаме напред. Чекаме поддршка на секој меч и сакаме секој да верува во нас. Како што имавме добри резултати порано, можеме и на наредните натпревари да бидеме подобри“, заклучи стоперот на белгиски Синт-Трујден.
Муслиу настапи на сите 7 натпревари под новиот селектор Гоце Седлоски. Во Лигата на нации одигра 90 минути против Швајцарија (0:3) и Шкотска (0:2) дома, а влезе од клупата против Словенија (0:2) на гости. Додека тој беше на теренот Македонија прими 6 од вкупно седумте голови во тековното натпреварување.
Натпреварот Швајцарија - Македонија се игра на „Термоплан“ арената во Луцерн од 20:45 часот, а директен пренос ќе оди на Арена М1 Премиум. Правдата ќе ја делат латвиски судии на чело со Едгардс Маљцевс.