Гласините за можното враќање на Мануел Нојер во германската репрезентација пред Светското првенство беа главна тема во локалните медиуми во изминатите денови, а сега има и потврда од добро информирани извори.
Според познатиот германски спортски новинар Флоријан Плетенберг, тренерот Јулијан Нагелсман донел одлука да ја врати легендата на Баерн.
Плетенберг тврди дека Нагелсман го повикал Оливер Бауман и му рекол дека смета на Нојер како прв голман на Светското првенство, под услов повредата на листот да не се влоши.
Таквиот исход го разочарал Бауман, кој бранел во сите квалификациски натпревари за Светското првенство и се надевал дека ќе биде „број еден“ за Германија на турнирот што ќе се одржува во САД, Мексико и Канада.
Сепак, голманот на Хофенхајм е подготвен да ја прифати улогата на резервен голман и да патува на првенството како втора опција.
Плетенберг додаде дека конечните дискусии и детали за улогата на Нојер во репрезентацијата ќе бидат дефинирани во текот на денешниот и утрешниот ден.
Официјалниот список од 26 играчи за Светското првенство се очекува да го објави селекторот Нагелсман в четврток.