Пјер-Емерик Обамејанг одлучи дефинитивно да ја заврши својата репрезентативна кариера и повеќе нема да го носи дресот на Габон.
Искусниот напаѓач, роден во Лавал во Франција, помина низ јуниорските селекции на Франција, го бараше и Италија (играше како младинец за Милан), а можеше да игра и за Шпанија бидејќи неговата мајка е Шпанка. Но, во 2009 година одлучи да го претставува Габон во сениорскиот фудбал следејќи ги стапките на неговиот татко кој во 90-тите беше капитен на Габон.
Во текот на претходните години, неговиот однос со репрезентацијата, за која одигра 86 натпревари и постигна 40 голови, беше многу турбулентен.
Обамејанг прв пат се збогуваше со репрезентацијата во 2022 година, но потоа се врати по поканата на тогашниот претседател на Габон, Али Бонгo.
По Африканскиот куп на нации во 2025 година, повторно беше исфрлен од репрезентацијата, но по една година се врати во националниот тим.
Сега одлучи дефинитивно да стави крај на својата репрезентативна кариера, а како една од причините го наведе начинот на кој беше третиран по неговото последно учество на Африканскиот куп на нации.
„Ме понижија и ми го уништија угледот кога повреден играв на Африканскиот куп на нации. Тоа беше последната капка и би сакал да ги оставам работите така. Мислам дека проблемите на репрезентацијата се многу подлабоки од незначителната улога што ја имам во сето ова“, рече Обамејанг.
По Африканскиот куп, владата на Габон конкретно ги именуваше Обамејанг и капитенот Бруно Манга како најодговорни за неуспехот на репрезентацијата, што дополнително ги влоши односите. Тогаш Габон испадна во групната фаза со 3 порази во трите натпревари во група со Мозамбик, Камерун и Брегот на Слоновата Коска.
Во текот на својата кариера, Обамејанг го изгради својот статус на еден од најдобрите африкански напаѓачи на својата генерација.
На клупско ниво постигна повеќе од 400 голови.
Тој е најдобриот стрелец во историјата на Лига Европа со 34 голови, додека со повеќе од 240 голови е најдобриот африкански стрелец во петте најсилни европски лиги.
Обамејанг е најдобар стрелец на Габон и еден од најважните фудбалери во историјата на националниот тим. Никогаш не успеа да ги однесе „Пантерите“ на Светско првенство, но беше во тимот на 6 изданија на Африканскиот куп на нации, како и на Олимписките игри 2012.