Смртта на Диего Армандо Марадона продолжува да го тресе фудбалскиот свет, а новите детали од судењето на здравствените работници кои се грижеа за легендарниот Аргентинец повторно отворија болно прашање - дали трагедијата можела да се спречи?
Последните сослушувања во Аргентина донесоа сериозни обвинувања против медицинскиот тим што го следеше закрепнувањето на Марадона дома. Обвинителството тврди дека поранешната ѕвезда на Наполи и Барселона останала без соодветна медицинска нега, иако неговото здравје барало сериозно следење.
Особено вознемирувачки се тврдењата дека во домот каде што се опоравувал немало основна медицинска опрема, вклучувајќи дефибрилатор, и соодветна организација за итни случаи. Обвинителите веруваат дека на предупредувачките симптоми не им било посветено потребното внимание и дека состојбата на славниот фудбалер се влошила во текот на неколку дена.
Како што објави италијанската La Gazzetta dello Sport, обвинителот Ферари за време на својот завршен збор нагласил:
„Марадона беше темпирана бомба на 11 ноември 2020 година. Се ослободиле од него и го однеле во куќата каде што почина 14 дена подоцна. Имало целосна неорганизираност. Тоа била група аматери што го зголемила ризикот над дозволените граници, а некои од нив покажале целосна рамнодушност. Немало ракавици, гази, инфузии, комплети за прва помош, дефибрилатори, амбулантни возила, ништо од она што го ветиле. Било целосна празнина, немало ништо во таа куќа“, ги истакна Ферари драматичните факти.
Марадона почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, од срцева слабост и акутен белодробен едем. Само две недели претходно беше подложен на операција на хематом на мозокот, по што беше отпуштен на домашно лекување.
Обвинителството побара казна до 12 години затвор за неговиот личен лекар, неврохирургот Леополдо Луке, додека за другите обвинети здравствени работници се предложени различни казни. Тие ја негираат вината, а конечната одлука ќе ја донесе судот.
Останатите обвинети се: психијатарот Агустина Косачов, психологот Карлос Диас, медицинскиот техничар Рикардо Алмирон, главниот медицински техничар Мариано Перони, лекарот од општа пракса Педро Ди Спања и координаторката за домашна нега од Swiss Medical, Ненси Форлини.
⚽ Parten los alegatos: las pruebas a favor y en contra de los médicos acusados por la muerte de Diego Maradona https://t.co/7PaLoiowCN https://t.co/ankDm6wYX2
— El Deportivo LT (@ElDeportivoLT) October 9, 2026