Тренерот на испаднатиот прволигаш Пелистер, Марјан Секуловски, на денешната прес-конференција изрази надеж дека ќе биде донесена одлука да не се намали првата лига, па така неговиот тим да не се пресели во втората лига.
Битолската гордост заврши на место што водеше во бараж за пополнување на првата лига за наредната сезона, но во драматиучен меч загуби на пенали од арачиновска Шкендија 77, која беше трета во втората лига. Сепак, надежта кај битолчани уште не е згасната.
„Надежта последна умира. Сметам дека постојат механизми поради кои Пелистер може да остане во првата лига. Имаше сличен случај во една соседна земја која ќе игра на Светско првенство, каде што беше стопирана одлуката за намалување на лигата. Затоа верувам дека Пелистер може да игра и следната сезона во елитата“, рече тренерот Секуловски.
Тој и натаму е на клупата на „Зелено-белите“, иако комплетното раководствцо на клубот си поднесе оставки по загубениот бараж. Приликата ја искористи да им се извини на навивачите на Пелистер за испаѓањето, но и да се пофали дека под негово водство тимот собрал многу бодови.
„Им се извинувам на сите што не успеавме да ги оствариме нашите цели, иако мислам дека јас сум тој што најмалку треба да се извини. Во последните два месеца, на 9 натпревари забележавме 5 победи, 3 ремија и само 1 пораз. Со тие 18 бодови, Пелистер под мое водство би бил на второто место, веднаш зад Вардар.“
Од ФФМ сметаат дека лигата мора да се намали за да се подигне квалитетот, односно повеќе квалитетни фудбалери да бида концентрирани во помалку клубови. Вакви преседани со поништување на кратење на лига се случувале и порано, но во моментов веројатноста тоа да се случи летово е речиси никаква.