Македонската втора лига останува со еден клуб помалку откако денеска прилепска Победа објави дека поради финансиски проблеми се повлекува од понатамошно натпреварување.
Прилеп, град со над 63 илјади жители, за кој порано се велеше дека е најфудбалскиот град во Македонија, останува без фудбал во првите две македонски лиги откако денеска Победа објави дека се откажува од понатамошниот дел од сезоната во втората лига.
Победа и онака на некој начин сезонава беше прежалена бидејќи со 11 бодови е на 13-тото место, во зоната за испаѓање, со 6 бодови негатива зад местата што водат во плејоф. Тимот од почеток на сезонава играше генерално со младинци оти недостатокот на финансии не дозволуваше ангажирање на сериозни засилувања.
„Да ја појасниме моменталната ситуација во нашиот клуб. Во месец април 2025 година дојде до промената на мнозинскиот акционер на нашиот клуб. Новиот мнозински акционер е со став дека не сака да го води клубот, па така на единственото легитимно и легално акционерско собрание не постави лица кои би раководеле со клубот и не назначи извршен директор.
Пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, во месец август се бараше заедничко решение со градоначалникот и Општина Прилеп, па поради краткиот времески период за делување се донесе привремено решение и се постави одговорно лице со цел клубот да продолжи да функционира до изнајдувањето на долгорочно решение. На советот на Општина Прилеп беше изгласана одлука за доделување на еднократна финансиска помош во висина од 1.000.000,00 денари, која не беше исплатена поради распишувањето на локалните избори, а истата до денес не е исплатена, што воедно беше и услов за клубот да се натпреварува во сезона 2025/2026 во 2.МФЛ.
Во овој момент клубот е со блокирана сметка и во крајно очајна финансиска ситуација, поради што, ја известуваме јавноста дека сениорската екипа на ФК Победа Прилеп не е во можност да го продолжи натпреварувањето во втората македонска фудбалска лига.“
Победа зимава не ги почна подготовките за пролертниот дел и не одигра нитру една преијателска, што беше серртиозен знак дека нешто лошо се подготвува.
Сезоната во втората лига продолжува на 21 февруари, а поради откажувањето на Победа секое коло по една екипа ќе биде слободна, почнувајќи од Новаци кој нема да патува за Прилеп.
Овој клуб Победа беше формиран на 14 мај 2010 година откако вистинската Победа доби 8-годишна забрана за натпреварување од ФИФА поради наместениот натпревар од квалификациите за Лигата на шампионите против ерменскиот Пјуник. Првично формиран под името Викторија, за брзо се преименува во Победа Јуниор, за подоцна да стане само Победа. А, суспендираната Победа имаше обид да се врати по истекот на осумте години, но бараше од ФФМ да продолжи од првата лига, додека ФФМ порача дека треба да почне од општинската лига, по што се откажа.