Европскиот шампион Пари Сен-Жермен и победникот на Лига Европа, Астон Вила, ќе се борат за трофејот од Суперкупот на УЕФА. Кој ќе биде поуспешен од двајцата големи шпански тренери – Луис Енрике или Унаи Емери? Пехарот го брани ПСЖ. Натпреварот ќе се игра во Салцбург вечерва од 21:00 часот.
Ова ќе биде 51-во издание на Суперкупот на УЕФА, а ЛШ шампиони досега беа поуспешни. Односот во победи е 30-20.
ПСЖ предводен од Луис Енрике сака да го одбрани пехарот освоен минатата година во Удине со победата над Тотенхем (на пенали) и со тоа да стане само вториот тим во модерната ера – по Реал Мадрид (2016, 2017) – кој освоил две титули во ова натпреварување.
Од друга страна, тимот на Унаи Емери го бара својот втор трофеј од Суперкупот во историјата на клубот, прв од сезоната 1982/1983, кога ја победија Барселона како европски шампиони (0:1, 3:0).
Ова ќе биде првата официјална средба меѓу двата тима по спектакуларното четвртфинале на Лигата на шампионите пред две сезони (2024/2025), кога Французите се пласираа понатаму со вкупен резултат од 5:4, преживувајќи драматичен реванш во Бирмингем (3:1, 2:3).
Пред ова финале, двајцата шпански експерти се соочуваат со бројни кадровски дилеми поради неодамна завршеното Светско првенство и нецелосниот период на подготовка.
Champions League holders Paris Saint-Germain take on Europa League victors Aston Villa 😤#SuperCup pic.twitter.com/j1cucxSV5M
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) August 12, 2026
Во парискиот тим, физичката подготвеност на група клучни играчи е под знак прашалник, меѓу кои се Ашраф Хакими, Усман Дембеле, Дезире Дуе, Бредли Баркола, Фабиан Руис, Ворен Заир-Емери, Лукас Ернандес, додека во тимот на Вила, стартерите Јохан Манзамби и Амаду Онана се надвор од составот поради повреди на коленото, а капитенот Џон МекГин, Езри Конса, голгетерот Оли Воткинс и голманот Еми Мартинес се под знак прашалник.
Доколку никој не е подобар по 90 минути од играта, победникот нема да се одлучува со продолженија, туку веднаш ќе се продолжи со изведување на пенали.
Правдата ќе ја дели најдобриот африкански судија Омар Артан од Сомалија. УЕФА го делегираше него уште откако САД не му даде виза за да суди на Мундијалот.
Omar Artan’s Salzburg arrival 🏟️#SuperCup pic.twitter.com/jbZujcXdHa
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) August 11, 2026
Стадионот во Салцбург („Ред Бул Арена“) за прв пат е домаќин на толку големо европско клупско финале, а Салцбург е 14-тиот град домаќин откако Суперкупот е преместен од Монако.
Во 2017 година Суперкупот се играше во Скопје кога Реал Мадрид го совлада Манчестер Јунајтед.