ВАР требаше да биде помош за судиите, а не алатка што ги прекинува натпреварите поради секоја контроверзна ситуација. Врз основа на овој принцип УЕФА сака да го промени својот пристап кон видео технологијата, а нејзиниот главен човек за судиските работи, Роберто Розети, вели дека е време да се вратиме на здравиот разум.
По состанокот со претставници на водечките европски лиги, Розети оцени дека ВАР се користи во некои ситуации на начин што нема многу врска со самата игра. Како дел од новиот пристап, беше воведен порталот Clear Line, наменет за играчи, клубови и навивачи, со цел појасно да се објасни кога видео системот треба да реагира, а кога судијата мора да остане единствен носител на одлуки.
„Свесни сме дека во моментов никој не е задоволен од влијанието на ВАР системот врз фудбалот. Не сакаме да анализираме микроскопски детали. Контекстот е многу важен. Ова е фудбал, а не играчка“, рече Розети.
Посебен проблем е различното толкување на играта со рака низ Европа. Минатата сезона, пенал за играње со рака во Премиер лигата беше досудуван во просек на секои 17,27 натпревари, додека во Лигата на шампионите пенал за таква ситуација беше досудуван приближно на секои 7 натпревари.
Исто така, постојат разлики во фреквенцијата на интервенциите на ВАР. Тимовите од Премиер лигата имаа просек од 0,29 интервенции по натпревар во текот на сезоната 2025/2026, додека во Лигата на шампионите просекот беше 0,47.
УЕФА сега сака уште повеќе да ги скрати прегледите. Розети верува дека прегледите што траат подолго од 90 секунди би можеле да ја поткопаат довербата во системот. Новиот протокол предвидува судијата прво да гледа замрзнат кадар, потоа снимка со забавено движење, а потоа и дејството во реално време за да го процени интензитетот на контактот.
„ВАР треба да реагира само на јасни и очигледни грешки. Нормалната брзина, контекстот и самата игра се важни“, рече Розети.
Порталот Clear Line е замислен како еден вид библиотека со видео примери што треба да им помогне на сите во фудбалот да ги разберат критериумите за користење на ВАР.
Розети (58) е поранешен италијански судија од Торино кој од 1997 до 2010 судеше во Серија А, а со знакот на ФИФА беше од 2002 до 2010 година. Судеше на Мундијалите 2006 и 2010, на ЕУРО 2008, а го судеше и финалето на Лигата на шампионите во 2008. Се појавуваше во снимките на поранешниот злогласен генерален директор на Јувентус, Лучано Моџи, познат по влијание врз судиите за да судат во корист на Јуве што на крај доведе до исфрлање на клубот во втората лига. Во еден разговор, Моџи за Розети и за Пјерлуиџи Колина вели: „Тие се премногу објективни, треба да биде казнети за одлуките против Јувентус“. Розети беше еден од ретките судии што не потпаднале под неговото влијание и излезе чист од скандалот наречен Калчополи.