Македонската репрезентација вечерва има нов дуел со силната Швајцарија, десет дена по натпреварот во Скопје и поразот 0:3. Селекторот Гоце Седлоски очекува реакција од тимот и подобра игра во однос на првиот меѓусебен дуел.
По трите порази во првите три натпревари од новата сезона во Лигата на нации, од кои два беа дома, селекторот и немаше што многу да каже на вчерашната прес-конференција. Под негово водство тимот нема постигнато гол на сите 7 натпревари, а вечерва ризикува да на своето конто да го додаде и осмиот.
„Знаеме каква репрезентација е Швајцарија и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме, со колективна игра и еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме добар натпревар и да се израдуваме по поразите што ги имавме“, изјави Седлоски.
Селекторот потврди дека здравствениот билтен е добар и дека сите фудбалери се подготвени за натпреварот, а најави и промени во составот поради густиот распоред и четирите натпревари во период од 12 дена. Конечно во составот е и Езѓан Алиоски, кој иако од првиот собир е со репрезентацијата, поради повреда ги пропушти претхосните три натпревари. За него овој меч ќе има посебна тежина бидејќи е израснат во Швајцарија, првите фудбалски чекори ги има токму во оваа земја, а и во моментов е член на швајцарскиот прволигаш Лугано.
„Сите играчи што се повикани ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период. Од секој играч сакам подобро. Имаме и млади момци кои се примени добро од постарите и од меч во меч мора да бидеме подобри“, додаде Седлоски.
Селекторот истакна и дека критиките треба да бидат насочени кон него, а фудбалерите во овој момент да ја имаат потребната поддршка.
За вечерашниот меч не е во комбинација Јани Атанасов поради суспензија поради акумулирани жолти картони, а со одлука на селекторот оид конечниот список од 23 играчи отпаднаа стоперот Марио Младеновски и левиот бек Себастиан Ерера.
Натпреварот се игра на „Термоплан“ арената во Луцерн од 20:45 часот, а директен пренос ќе оди на Арена М1 Премиум. Правдата ќе ја делат латвиски судии на чело со Едгардс Маљцевс.