Нов тренд или само случајност, но во Серија А се случи нешто што никогаш порано не се случило - во првите четири кола ниту еден натпревар не заврши без голови!
И не само тоа, Калчото е единствената од Топ 5 лигите во Европа што моментално нема ниту еден натпревар со резултат 0:0. Ако знаеме дека Италија е земја на катеначо* и силни одбрани, овој факт добива уште поголема тежина.
Само 8 натпревари завршија со по еден постигнат гол, а најблиску до нерешено без голови беше натпреварот од 2. коло помеѓу Аталанта и Болоња во Бергамо. Сепак, српскиот интернационалец Лазар Самарџиќ постигна гол во 6. минута од судиското надополнување за да ѝ донесе победа на Аталанта од 1:0. Така, Самарџиќ ја спаси оваа серија на Калчото.
Во Италија, во просек триесет натпревари по сезона завршуваат со најнепопуларниот резултат. Минатата сезона имаше 36, а ако ги погледнеме само Калчо првенствата со 20 клубови, најмногу нерешени 0:0 имаше во сезоната 2011/2012 - 44 (или 11,5%).
Најефикасен е Интер со 13 постигнати голови, а го следи Рома со 12, додека Комо има 9, по што следуваат Сасуоло и Удинезе со по 8.
Оваа сезона во Топ 5 лигите - Премиер лигата има 4 натпревари без голови во првите четири кола, исто толку во пет кола од Ла Лига (плус еден од 6. коло одигран порано), 3 во Лиг 1 и 2 во три кола од Бундеслигата. Во Серија А - ниту еден.
0:0 во сезона 2026/2027 Топ 5 лиги:
Нотингем Форест - Тотенхем (3. коло Премиер лига)
Хал Сити - Астон Вила (3. коло Премиер лига)
Ливерпул - Фулам (4. коло Премиер лига)
Тотенхем - Евертон (4. коло Премиер лига)
Валенсија - Селта (2. коло Ла Лига)
Осасуна - Леванте (2. коло Ла Лига)
Реал Сосиедад - Селта (6. коло Ла Лига)
Малага - Леванте (4. коло Ла Лига)
Троа - Парис (1. коло Лиг 1)
Ница - Лорјан (1. коло Лиг 1)
Парис - Лион (4. коло Лиг 1)
Ле Авр - Анже (4. коло Лиг 1)
Мајнц - Падерборн (1. коло Бундеслига)
Шалке 04 - Баерн (2. коло Бундеслига)
И нашата 1.МФЛ може да се пофали со добар процент. Во седумте одиграни кола само еден натпревар заврши без голови и тоа во 5. коло мечот Арсими - Скопје. на сите останати имаше барем по еден погодок. Тоа значи дека од 35 одиграни натпревари на 34 имало барем гол.
*Со години кај нас циркулира погрешниот збор „катанаџо“. Таков збор во италијанскиот јазик не постои. Италиајнскиот стил на одбрана се нарекува catenaccio (катеначо) и произлегува од зборот catena, односно „синџир“.