УЕФА попладнево ја направи жрепката за последното квалификациско коло за пласман во лигашката фаза од Лигата на шампионите, а учествуваше и македонскиот шампион Шкендија.
Тетовскиот клуб утревечер од 20:00 часот во Скопје го игра првиот натпревар од двобојот со азербејџански Карабах, а денешната жрепка беше за да се одреди потенцијалниот противник на оној што ќе излезе како победник.
Доколку Шкендија го елиминира Карабах, жрепката одлучи за противник во решавачката фаза, односно плејофот, да биде победникот од дуелот на Лудогорец и Ференцварош, односно шампионите на Бугарија и Унгарија. Првиот натпревар би го играла на гостински терен на 19 или 20 август, а реваншот во Скопје на 26 или 27 август.
Двата потенцијални противници ќе бидат тешка пречка, но Шкендија прво мора да се справи со Азербејџанците. Она што е сигурно е дека ако тетовчани минат во наредната фаза, дури и да загубат од Бугарите или Унграците, ќе имаат загарантирано место во лигашката фаза на Лига Европа.
А, доколку загубат од Карабах, тогаш се селат во плејофот за Лига Европа, каде пак доколку загубат ќе играат во лигашката фаза од Конференциската лига.