Помошникот селектор на Ирак, Холанѓанецот Рене Меленстин (61), изјави дека можно е Ирак да го замени Иран на Светското првенство во 2026 година. Учеството на Иран на турнирот, кој се одржува во САД, Мексико и Канада ова лето, е доведено во прашање по нападите на САД и Израел врз земјата.
Иран е извлечен во групата Г со Белгија, Египет и Нов Зеланд, но иранскиот министер за спорт Ахмад Донјамали изјави дека неговата земја не може да учествува.
„Откако овој корумпиран режим го уби нашиот лидер, не можеме да учествуваме на Светското првенство под никакви околности. Нашите деца не се безбедни и, всушност, нема услови за учество“, рече Донјамали.
„Поради злонамерните дејствија преземени против Иран, бевме вовлечени во две војни во последните осум или девет месеци и илјадници наши луѓе беа убиени и мачени. Затоа е сигурно дека не можеме да учествуваме во такво натпреварување“, додаде тој.
Две можни сценарија за замена
Во интервју за talkSPORT, помошникот селектор на Ирак, Рене Меленстин, изјави дека ФИФА би можела да донесе конечна одлука за тоа кој ќе го пополни испразнетото место во натпреварувањето од 48 екипи. Според него, има две можни решенија.
„Во рамките на Азиската фудбалска конфедерација (AFC), ние сме следниот највисоко рангиран тим. Тоа значи дека би го зазеле местото на Иран. Во тој случај, Обединетите Арапски Емирати би се вклучиле да го заземат нашето место во плејофот против победникот од натпреварот помеѓу Суринам и Боливија“, рече Меленстин.
Постои и друга можност. „Исто така, има гласини дека ако ФИФА донесе конечна одлука, би можела да ја покани највисоко рангираната екипа на ранг-листата на ФИФА што не се квалификувала, а тоа е Италија, наместо Иран“, откри Меленстин, додавајќи: „Всушност, размислете кого би сакале да видите на Светското првенство?“
Италија, која ги пропушти првенствата во 2018 и 2022 година, последен пат играше на Светското првенство во 2014 година. „Аѕурите“ се борат за место во плејофот на УЕФА против Северна Ирска, а доколку победат, ќе се соочат со подобриот од Велс и Босна и Херцеговина.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, Иран е добредојден на турнирот.
„Разговаравме за ситуацијата во Иран и фактот дека иранската репрезентација се квалификуваше за Светското првенство во 2026 година. За време на разговорот, претседателот Трамп повтори дека иранската репрезентација, секако, е добредојдена да се натпреварува на турнирот во Соединетите Држави“, рече Инфантино.