Синот на славниот Дејан Станковиќ, Александар Станковиќ, доби повик од селекторот Драган Стојковиќ во репрезентацијата на Србија.
Стојковиќ ретко им дава шанса на помладите играчи, но синот на Дејан Станковиќ се бореше за можноста и немаше двоумење да ја избере репрезентацијата. Во интервју за официјалната веб-страница на Фудбалскиот сојуз на Србија, тој потврди дека имал понуда од Италија, неговата родна земја, но дека промената на националниот грб не била опција за него.
„Кога играм за Србија, секогаш сум многу мотивиран. Секаде се претставувам како Србин. Имав многу понуди за Италија, но секогаш велев дека моето семејство е од Србија. Се чувствувам целосно Србин и секогаш ќе ја бирам Србија“, рече Станковиќ, кој сепак не е целосно Србин бидејќи неговата мајка е Словенка, па можеше да игра и за Словенија.
Неговиот татко Дејан има 103 настапи за Србија и Александар се надева дека ќе се приближи до тој учинок. Пред неговото можно деби во репорезентацијата тој доби неколку инструкции што ги смета за корисни.
„Татко ми ми рече да се однесувам добро и пред да го облечам дресот, прво да го погледнам српскиот грб и секогаш да го ставам пред моето презиме. Го видов неговиот портрет пред соблекувалната. Секој пат кога доаѓам во Пазова, стојам пред таа слика, ја гледам и посакувам еден ден да можам да се приближам до него во однос на бројот на настапи“, рече тој.
Александар Станковиќ е роден во Милано во 2005 година кога неговиот татко играше за Интер. Токму во овој клуб ја почна кариерата, но никогаш не настапи за сениорскиот тим, само неколку пати беше на клупата за резерви без да влезе во игра. Лани играше како позајмен за швајцарски Луцерн, а летоска се пресели во Клуб Бриж.
За Србија има играно во сите младинските репрезентации. Игра во средниот ред, најмногу како дефанзивец.