Карло Анчелоти започна нова ера на чело на бразилската репрезентација. Италијанскиот тренер објави список од 26 играчи за претстојните натпревари против Австралија и Индија, во кој се вклучени дури 8 дебитанти: Педру Мориску, Отавиу, Артур Џиас, Жаир Куња, Матеузињу, Мауру Жуниор, Брену Бидон и Габриел Бонтемпу.
Во составот се враќаат и Естевау, Андреј Сантус и Жоау Педру – кои го пропуштија Светското првенство. Анчелоти изостави 16 играчи од турнирот одржан во САД, Канада и Мексико, со што најави целосна реконструкција на тимот пред циклусот за Светското првенство 2030.
Тиаго Силва ги критикуваше одлуките на Анчелоти.
Бразил отвора ново поглавје без Нејмар и голем број долгогодишни репрезентативци кои се повлекоа од националниот тим по неуспехот на Мундијалот 2026.
Данилу, Казимиру, Фабињу, Алекс Сандру, Алисон и Едерсон ја напуштија репрезентацијата. Долгогодишниот капитен на Бразил, Тиаго Силва (41), го коментираше потегот на Анчелоти:
„Не можеш тукутака да отпишеш некој што има 31, 32 или 33 години. Јас имав речиси 41 година за време на Светското првенство. Не можеш да изоставиш некој што е во добра форма. Мора да се оди чекор по чекор; тоа е бавен процес, а репрезентацијата не е исто што и клуб. Анчелоти доаѓа од европски клуб, каде што му било полесно да прави такви потези. Овде не се работи така. Не ми се допаѓа тоа што го прави и не се согласувам со него, но тој е шеф“, изјави Тиаго Силва за Radio Tupi.
Јасно е дека ова станува тим на Винисиус Жуниор и Рафиња. Дуото од Реал Мадрид и Барселона ќе го предводи Бразил во новиот циклус како клучни фигури за Анчелоти. Уште за време на турнирот во Северна Америка, Нејмар ги посочи нив двајца како негови наследници, а сега тие официјално стапуваат во улогите што некогаш ги имаа Пеле, Ромарио, Роналдо и други легенди.
Двајцата веќе се докажаа на големата сцена, а сега мора да ја преземат и лидерската одговорност. Се очекува и промена на капитенот; иако Маркињус останува во составот, се претпоставува дека Бруну Гимарајс ќе ја преземе капитенската лента.
Анчелоти го издвои Ендрик, играч од кого очекува да преземе значителна одговорност во нападот. Бидејќи на репрезентацијата ѝ недостасува класична 9-ка, италијанскиот тренер го гледа него како клучна фигура во овој нов циклус.
Целосниот список со повикани играчи за Бразил можете да го погледнете ТУКА.