Американскиот претседател Доналд Трамп наговести дека Соединетите Американски Држави наскоро би можеле да го отфрлат терминот soccer и да почнат да го нарекуваат спортот онака како што го нарекува остатокот од англофонскиот свет - football.
Во интервју за спортската мрежа DAZN, Трамп рече дека „многу лесно“ би можел да издаде извршна наредба за промена на начинот на кој Американците го нарекуваат најпопуларниот спорт во светот.
„Мислам дека можеме да го направиме тоа, мислам дека јас би можел да го направам тоа“, рече тој низ смеа. „Тие го нарекуваат football, ние го нарекуваме soccer, но таа промена би можела многу лесно да се случи. Како и да е, ова е одлична игра за гледање“, рече американскиот лидер.
Трамп ги даде овие забелешки за време на финалето на Светското клупско првенство, кое се одржа во САД. На изненадување на многумина, Трамп се појави на сцената за време на церемонијата на доделување на трофејот за Челси, кој го победи Пари Сен-Жермен со 3:0.
Трамп го пофали турнирот како настан што има способност да ги поврзе луѓето од целиот свет.
„Оваа игра симболизира единство, тоа е спорт што ги зближува сите“, рече тој, додавајќи: „Станува збор за љубов меѓу различни земји. Ова е најинтернационалниот спорт на планетата и навистина може да го обедини светот.“
Америка нема да може да ја избегне фудбалската треска ниту следната година - ќе биде домаќин на Мундијалот 2026 заедно со Мексико и Канада.