Екипата на Силекс синоќа триумфираше во Купот на Македонија откако со минимални 1:0 ја совлада Шкендија. Предводникот на тимот од Кратово, Александар Васоски, не го криеше задоволството од освоениот трофеј.
Голот на одлука падна во 71. минута кога Дарко Додев истрча контра и одлично во празно го проигра босанскиот напшаѓач Ади Алиќ, кому на празен гол не му беше тешко да ја смести топката во мрежата.
„Според очекувањата, натпреварот беше тежок. Шкендија можеби беше подобар противник во поле, но тоа беше дел од тактиката. Не може секој натпревар, особено на ваков важен меч, да се игра атрактивно. Одигравме како што се договоривме. Свесно го префрливме Додев на левата страна, да направи вишок и успеавме во тоа, дадовме гол на време и сметам дека заслужено го освоивме Купот. Им честитам на момците. Ако минатата сезона за малку ни избега трофејот во првенството, оваа година го земавме Купот, што е голем успех за нас“, изјави Васоски на прес-конференцијата по финалето.
За Васоски ова е прв Куп пехар во второто финале како тренер. Во сезоната 2020/2021 имаше неуспешен обид со тогаш Академија Пандев кога на пенали го загуби финалето токму од Силекс.
„Ова не беше најдобар натпревар на Силекс сезонава, но првично се договоривме да ги затвориме сите приоди и по 60-тата минута да удриме со силно оружје. Затоа можеби (Мартин) Мирчевски остана на клупата, но токму во тие мигови кога се одлучуваше мечот погодивме“, додаде Васоски.
Силекс по четврти пат е освојувач на Купот, со што се израмни на вечната листа по бројот на титули со Работнички, додека Шкендија остана на двата куп трофеја. Најтрофеен во ова натпреварување е скопски Вардар со 6 титули. Силекс има и два пехара од поранешниот Републички куп.
Силекс во лигата ќе заврши на 4. место, но благодарение на освоениот Куп избори учество во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.