Реал Мадрид ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите со победа. Тимот на Жозе Мурињо славеше против Интер со 2:1 на „Сантјаго Бернабеу“, а натпреварот беше обележан со головите на Килјан Мбапе и Федерико Валверде, како и интересна ситуација со новото правило во врска со замените.
Реал поведе во 14-тата минута. Килјан Мбапе најде простор во шеснаесетникот и со прецизен удар го совлада голманот на Интер за да му донесе водство на домашниот тим. Предноста на Реал беше удвоена во 23. минута кога Федерико Валверде постигна гол за 2:0 искористувајќи го киксот од подавањето на стоперот Бенжаман Павар и голманот Жузеп Мартинес.
Интер потоа се обиде да се врати во игра и успеа да ја намали разликата во 77. минута. Карлус Аугусту постигна гол за 2:1 и им даде надеж на гостите во последните минути. Интер притисна во последните минути и се обиде да израмни, но Реал успеа да ја зачува предноста и да запише три бода на почетокот од сезоната во Лигата на шампионите.
Натпреварот помеѓу Реал и Интер ја донесе првата ситуација со новото правило во врска со замените на играчите. Во 87. минута, Реал одлучи да го извади Винисиус Жуниор од теренот, но Бразилецот не го напушти теренот во предвидените 10 секунди.
Според новото правило, играч кој излегувга од игра мора да го напушти теренот во рок од 10 секунди од моментот кога е побарана замена. Доколку не го стори тоа на време, замената не може веднаш да влезе, туку мора да почека до следниот прекин на играта.
Поради бавното излегување на Винисиус, Алваро Карерас не можеше веднаш да влезе во играта, па замената беше завршена дури по следниот прекин. Реал накратко остана со десет играчи, а ситуацијата на „Бернабеу“ веднаш покажа како би изгледало новото правило во пракса.