Женската репрезентација на Англија синоќа ја одбрани титулата на Европското првенство по изведувањето на пенали, а за прв пат во историјата на дело видовме примена на ново фудбалско правило.
По 90 минути игра резултатот беше 1:1, а по дополнителни половина час немаше голови, па титулата за победник на Европското првенство беше одлучена со изведување на пенали.
Англија „победи“ во фрлањето паричка и избра прва да изведува пенали, а Бет Мид беше првата што се приближи до топката.
Напаѓачката на Арсенал ја матираше Ката Кољ, но најдобрата судијка во светот, Стефани Фрапар, забележа дека Мид падна додека шутираше и ја допре топката двапати.
Тогаш Фрапар за прв пат употреби ново правило во историјата, кое многумина го нарекуваат и Алваресово правило, па Мид мораше повторно да го изведе ударот.
Имено, на 1 јуни ИФАБ ги промени правилата во врска со изведувањето на пенал, а причината за ова беше ситуација од осминафиналето на Лигата на шампионите кога Хулиан Алварес се лизна и случајно ја допре топката двапати, а неговиот гол беше поништен. Според тогашните правила, тој немаше право да го повтори пеналот, и на крајот Реал го елиминираше Атлетико.
Новото правило наведува дека ако изведувачот на пеналот случајно ја шутне топката со двете нозе истовремено или топката ја допре другата нога или стапало веднаш по ударот, а топката влезе во голот, пеналот ќе биде изведен повторно.
Делот од правилото дека пеналот не се изведува повторно ако е промашен останува ист како и претходно.
За жал на Мид, Кољ беше поуспешна во вториот обид и го сопре нејзиниот удар, но на крајот тоа не ѝ помогна на Шпанија, која имаше три промашувања, па Англија победи со 3:1 во пенал рулетот и ја одбрани титулата европски шампион.
Beth Mead 🫣 pic.twitter.com/0qLYV1C1zZ
— Elvis Bunic (@kk_bosna) July 28, 2025