Со одигрувањето на одложениот натпревар во Радовиш денеска конечно се стави крај на есенскиот дел во втората лига.
Детонит Плачковица со минимални 1:0 славеше над Скопје од автокоманда во последниот натпревар од 15-тото коло, кој беше одложен за денеска поради ангажман на двајца играчи на гостите во репрезентацијата до 20 години која гостуваше во Лихтенштајн за пријателски натпревар (победи со 2:0).
Со оваа победа домаќините полусезоната ја завршија на 7. место со 26 бодови, додека Скопје остана петти со 29, испуштајќи шанса со три бода да се искачи место погоре и да ја намали разликата во однос на лидерот Охрид Лихнидос.
Охриѓани ќе презимат на врвот со 36 бодови, еден повеќе од Шкендија 77 од Арачиново и три од штипска Брегалница, додека четврта е Беласица со 31 бод.
Потсетуваме, само првопласираната екипа на крајот ќе избори пласман во првата лига, додека екипите пласирани на второ и трето место ќе играат бараж против прволигашките екипи пласирани на 8. и 9. место.
Интересна е и битката за опстанок каде поради кратењето на лигата директно испаѓаат дури пет екипи, а во бараж одат три. Се чини Големо Коњари, виничка Слога и ресенска Преспа одамна се прежалени, додека прилепска Победа и неготински Вардар ќе бидат на тешки маки да излезат од зоната за испаѓање со оглед на тоа што заостануваат 6 односно 5 бодови.
Екипите од 11-тото до 9-тото место ќе разигруваат во баражот заедно со победниците од петте групи во третата лига и на крајот четири екипи ќе изборат место во втората лига наредната сезона.
Сезоната второлигашите ќе ја продолжат со 16-тото коло, или прво пролетно, закажано за 21 февруари наредната 2026 година. Веднаш на стартот лидерот Охрид ќе гостува кај четвртата Беласица во Струмица.
Табела: