НБА играчите сега ќе можат побезгрижно да изведуваат шутеви од далечина на крајот од четвртините, бидејќи овие обиди повеќе нема негативно да влијаат на нивната лична статистика. Лигата одобри промена во статистичкото следење на ваквите шутеви, потег за кој се надеваат дека ќе поттикне поатрактивни шутеви од далечина во последните секунди, објавува NBA.com.
Одлуката, која беше финализирана на состанокот на Одборот на директори, веќе беше тестирана за време на Летната лига. Според новото правило, секој шут направен во последните три секунди од првите три четвртини од растојание поголемо од 11 метри (36 стапки) ќе се смета за тимски обид, а не за индивидуален обид.
Досега, многу играчи избегнуваа вакви обиди за да го зачуваат процентот на шутирање. Податоците од SportRadar покажуваат дека минатата сезона само околу 4 проценти од ваквите шутеви биле погодоци, а најуспешни биле Стеф Кари со четири и Никола Јокиќ со три уфрлања.