Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Војдан Стојановски, е задоволен од исходот на жрепката за вториот круг од претквалификациите за ФИБА ЕвроБаскетот 2029.
„Црвено-жолтите“ во новоформираната група Ф за противници ги добија селекциите на Австрија и Кипар, а за пласман во квалификациите ќе одиграат четири натпревари во борба за првото место.
Иако жрепката донесе противници со кои Македонија има позитивни искуства, капитенот Стојановски повикува на сериозен пристап и максимален ангажман во остварувањето на следната цел – пласман во квалификациската фаза за Европското првенство во 2029 година.
„Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари што не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат.
Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор.
За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство“, изјави капитенот на Македонија, пренесува КФМ.
Македонската репрезентација во вториот круг од претквалификациите ќе стартува на 30 август, а во групата Ф ќе се соочи со Австрија и Кипар. Само најдобропласираната селекција ќе обезбеди место во квалификациите за ЕвроБаскетот 2029.