Лук Литлер, светскиот број еден и актуелен светски шампион во пикадо, се судри на сцената со Џан ван Вин во Премиер лигата во Манчестер откако Холанѓанецот го обвини дека ги слави неговите промашувања. Литлер одговори на обвинувањата гестикулирајќи плачење, а ван Вин го нарече „лош губитник“ по натпреварот.
Литлер се надеваше дека ќе ја продолжи својата добра форма во реваншот од финалето на Светското првенство. Во напнатиот натпревар што влезе во одлучувачкиот дел, тој имаше три стрелки за победа, но ги промаши сите три на двојна седумка. Неговиот противник ја искористи можноста и обезбеди победа од 6:5.
Инцидентот се случи во последниот дел. Ван Вин промаши двојна 15-ка за победа, по што се сврте кон публиката, која гласно навиваше за домашниот играч. Литлер, видливо фрустриран, ја крена раката кон ван Вин како да го побрзува.
Откако Холанѓанецот повторно промаши, а Литлер ги промаши и неговите обиди за меч, тој направи гест небаре плаче, очигледно упатен кон противникот. Иако се ракуваа, Литлер продолжи да се жали додека се симнуваше од сцената.
„Бев на 90 и промашив двојна 15-ка одвнатре, а потоа го видов како слави пред публиката. Мислам дека тоа не е нормално. И потоа го прави оној гест 'плачливко'... Тој е одличен играч на пикадо, но денес покажа дека е лош губитник. Да славиш кога противникот промашува, тоа навистина ме нервира. Затоа така бесно го погледнав“, рече Ван Вин.
Иако не даде интервју по мечот, Литлер сподели три емотикони со смеење на Instagram како одговор на коментарите на Ван Вин.