Меѓународниот хокеј се соочува со сериозна криза откако 6 европски репрезентации објавија дека нема да играат против Русија на претстојните меѓународни натпреварувања.
Финска и Норвешка беа првите што објавија бојкот, по што следуваа Шведска, Данска, Латвија и Чешка, кои исто така се противат на враќањето на руската репрезентација на големите натпреварувања додека трае војната во Украина.
Одлуката доаѓа откако Арбитражниот суд за спорт (ЦАС) кон крајот на октомври пресуди дека Меѓународната федерација за хокеј на мраз (ИИХФ) мора да им дозволи на руските репрезентации да се вратат на натпреварувањата. Руските репрезентации беа суспендирани веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Голем проблем е фактот што најголемите хокеарски сили најавија бојкот, па затоа ќе биде тешко да се најде вистинско решение за новата ситуација. Овие тимови нагласија дека се против само играње на натпревари против Русија, додека немаат намера целосно да се повлечат од првенството.
Дополнителен проблем е што Германија е домаќин на Светското првенство во хокеј во 2027 година, закажано од 13 до 30 мај во Диселдорф и Манхајм, а федерацијата за хокеј на мраз во земјата сега ги разгледува импликациите од одлуката на Арбитражниот суд за спорт, вклучувајќи ги безбедносните предизвици и дополнителните трошоци за организирање на турнирот. Некои спонзори веќе јасно ставија до знаење дека нема да ја продолжат соработката доколку Русија учествува.
Извршниот директор на Германската асоцијација за хокеј на мраз изјави дека земјата би можела да се откаже од организацијата на Светското првенство.
Клучното прашање сега е како ќе реагира Меѓународната федерација за хокеј на мраз доколку националните тимови одбијат да ги играат закажаните натпревари против Русија. Правилата предвидуваат можност за дисциплински мерки за неиграње натпревари, а доколку се применуваат строго, тоа би можело да доведе до големи проблеми и да го направи првенството бесмислено.
Воедно, одлуката на ЦАС дојде откако жрепката веќе беше направена, а самиот ЦАС не даде инструкции како Русија да се вметне во натпреварувањето. Групната фаза се состои од две групи со по 8 учесници.
Група А
Швајцарија
Финска
Шведска
Германија
Латвија
Австрија
Словенија
Украина
Група Б
Канада
САД
Чешка
Словачка
Данска
Норвешка
Казахстан
Унгарија
Русија последен пат настапуваше на Светското првенство 2021 во Латвија, а го нема освоено од 2014 година. Бранител на титулата е Финска.
Мора да се има предвид дека НХЛ не ги ослободува играчите што настапуваат таму за Светските првенства на ИИХФ, па репрезентациите како САД, Канада и Русија настапуваат значително ослабени.