Седум земји изразија интерес за организирање на Олимписките игри во 2036 година, соопшти денеска Меѓународниот олимписки комитет (МОК).
Во соопштението се наведува дека Германија, Унгарија, Индија, Катар, Јужна Африка, Јужна Кореја и Турција изразиле интерес пред крајниот рок, 31 октомври.
Германија и Јужна Кореја се единствените од овие седум земји што претходно биле домаќини на Олимписките игри.
Од МОК изјавија дека заинтересираните страни ќе одржат презентации пред Комисијата за идни домаќини во ноември, како дел од тековниот дијалог. Потоа ќе следи стратешки дијалог меѓу кандидатите и Извршниот одбор на МОК – процес со кој, почнувајќи од март 2027 година, ќе претседава Кирсти Ковентри.
Одреден број избрани кандидати ќе започнат разговори со Комитетот во ноември 2028 година, додека конечниот домаќин ќе биде избран со гласање на сите членови на Комитетот на седница во 2029 година.
The IOC sets out the next phase of the process for selecting the host of the 2036 Olympic Games. 🏅 More details ⬇️ 🔗https://t.co/2lGaSkYaUP https://t.co/pICvU1AYnz
— IOC MEDIA (@iocmedia) October 6, 2026
„Без оглед на тоа каде ќе се одржат Олимписките игри, една работа не смее да се промени: спортистите мора да бидат во центарот на сè што правиме“, рече Ковентри, освојувач на олимписки златен медал во пливање.
Таа додаде дека спортистите со години работат за да го остварат својот олимписки сон и дека искуството од натпреварувањето на Олимписките игри им останува за цел живот.
„Затоа, за секој иден домаќин, обезбедувањето на најдобро можно искуство за спортистите секогаш мора да биде почетната точка“, изјави таа.
Катар долго време се смета за сериозен кандидат и веќе бил домаќин на светски првенства во големи олимписки спортови; сепак, конфликтот со Иран покажа дека таков избор може да носи одредени ризици.
Индија исто така се спомнува како потенцијален иден домаќин, иако постојат финансиски и организациски загрижености во врска со нејзината кандидатура, која е фокусирана на градот Ахмедабад.
Истанбул веќе имал неколку неуспешни обиди да ги обезбеди Олимписките игри за Турција, додека Унгарија исто така долго време е заинтересирана Будимпешта да биде домаќин на настанот.
Германија се кандидира со Минхен – домаќин на Олимписките игри во 1972 година – кој ќе се обиде да добие домаќинство за 2040 или 2044 година доколку не успее во трката за Игрите во 2036 година, пренесува dpa.
Олимписките игри никогаш не се одржале на африканскиот континент.