Репрезентацијата на Фарските Острови испиша историја со освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во ракомет за играчи до 21 година откако ја победија Шведска со 27:26 во натпреварот за третото место.
Иако малата земја со 55.000 жители неодамна почна значително да инвестира во ракометот, веќе постигна значаен успех. Сениорската репрезентација на Фарските Острови го имаше своето деби на Европското првенство во Германија во 2024 година, а обезбеди пласман и на наредното во 2026. Успесите на јуниорските тимови укажуваат дека се инвестира во долгорочен развој.
Пред да го освојат бронзениот медал, Фарските Острови претрпеа драматичен пораз во полуфиналето од Португалија, кое заврши во две продолженија, додека Данска подоцна ја победи Португалија во финалето и го освои златото.
На патот до медалот, Фарските Острови ги победија Македонија, Романија, Словенија и Франција, а нивниот единствен пораз во регуларно време беше против светските шампиони.
Фарските Острови се автономен регион кој е дел од Данска. Архипелагот, кој се состои од 18 вулкански острови и вкупно 779 острови и островчиња, има население од 55.000 жители, односно помалку од градови како Битола, Куманово и Прилеп. Се наоѓа 320 километри северно од брегот на Шкотска и 450 километри јужно од Исланд.
Покрај данскиот, официјален јазик на островите, постои и фарскиот, локален јазик кој е поврзан со исландскиот. Главен град на островите е Торсхавн (Пристаништето на Тор), кој има население од 20.000 жители. Фарската метропола има најмалку сончеви часови годишно од сите главни градови во светот.