Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (4. АТП) се пласираше во полуфиналето на Австралија опен откако утрово Италијанецот Лоренцо Музети (5. АТП) му го предаде четвртфиналниот дуел.
Мечот заврши по траење од точно два часа, а резултатот беше 6-4, 6-3, 1-3 во корист на 23-годишниот Италијанец пред дуелот да биде прекинат.
Два брејка беа видени веднаш на почетокот на натпреварот, а лошиот сервис на Ѓоковиќ во првиот сет Музети го искористи во петтиот гем кога го зеде вториот брејк во првиот сет. Потоа двајцата ги консолидираа своите сервиси, а Италијанецот без многу проблеми поведе во сетови.
Скоро идентично беше на почетокот на вториот сет. Музети повторно освои два брејка на првите два сервиса на Ѓоковиќ, кој не пружи значаен отпор, па Италијанецот се приближи до победата, бидејќи имаше водство од 2:0 во сетови.
Сепак, во третиот сет следуваше шок. Музети го отвори добро, поведе со 1-0, а потоа целосно запре поради повреда.
Ѓоковиќ прво направи брејк, потоа водеше со 3-1, а потоа Музети одлучи да не го продолжи мечот поради повреда на ногата.
Така Ѓоковиќ иако беше на прагот на елиминација замина во полуфиналето, каде ќе игра против победникот од мечот помеѓу Бен Шелтон (7. АТП) и Јаник Синер (2. АТП). Нивниот четвртфинален судир е закажан за денеска во 9:15 часот по македонско време.
Ѓоковиќ и во осминафиналето победи службено, тогаш без воопшто да игра оти Чехот Јабуб Меншик (17. АТП) поради повреда не можеше да настапи.
„Не знам што да кажам. Жал ми е за него, беше далеку подобар, јас одев кон елиминација. Не знам што да кажам, вакви работи се случуваат, ми се има и на мене случено неколку пати. Во четвртфинале на Грен слен да водиш два сета и да имаш целосна контрола, многу несреќно, не знам што друго да кажам. Му посакувам брзо опоравување, денеска тој требаше да биде победник, тука нема дилема“, рече Ѓокович по мечот.