Кошаркарите на САД синоќа едвај славеа против Србија со тесни 95:91 и се пласираа во финалето на Олимписките игри, а овој пораз тешко ѝ падна на српската нација која го најде виновникот во судиите на натпреварот, што јасно се гледа од реакциите на локалните медиуми.
„Херојската Србија беше на чекор до финалето, но срамните судии си го направија своето! Американците со помош на неуките ги здробија храбрите Орли!“, пишува Курир.
„Ау, каков срам! Србија ја уништи Америка и водеше 37 минути, нереалниот Кари и судиите им ја украдоа победата на Орлите“, пишува Информер.
„Пораз за инфаркт; Србија украдена? Америка за малку фрлена на колена, Богдановиќ во солзи“, пишува Б92.
„Срам за Американците! Шарлатан од Панама му помогна на Леброн, судиите мораа да го туркаат најмоќниот тим на сите времиња“, пишува Ало.
„Србија играше фантастична кошарка 36 минути, судиите ги турнаа САД во финалето“, вели Моцарт.
По натпреварот изјава за РТС даде српскиот капитен Богдан Богдановиќ, кој меѓу другото беше незадоволен од арбитражата.
„Нема за што да жалиме. Можевме да победиме, сите го сакавме тоа. На крајот тежок пораз, исто е кога ќе изгубиш два и три и пет и 20 поени, знам што мислите, но во на крајот е исто. Поразениот е поразен, а победникот оди понатаму. Треба да бидеме горди на овие момци и начинот на кој се боревме. На сето ова треба да гледаме позитивно. Судиите? Нека им оди на душа. Не е наша работа, се боревме до крај. Тие само нека спијат како сакаат“, рече Богдановиќ.
Да потсетиме, Србија водеше речиси цел натпревар, но на крајот САД одиграа фантастична последна четвртина и стигнаа до победа вредна за финалето. Таму ќе играат против Франција, додека Србија ќе се бори против Германија за бронза.