Свет

Српски војници ќе маршираат на Црвениот плоштад во Москва на 9 мај

17. февруари 2020 - 19:53 | А.С.

Русија очекува српскиот претседател Александар Вучиќ и војници од балканската земја да учествуваат во воената парада на Црвениот плоштад во Москва на 9 мај, на одбележувањето на 75-годишнината од победата во Втората светска војна, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, објави руската новинска агенција ТАСС.

„Годинава одбележуваме 75 години од крајот на Втората светска војна. Херојските напори на нашите предци кои се бореле рамо до рамо ја овозможија заедничката победа над нацистите и нивните сојузници“, рече шефот на руската одбрана на средбата со неговиот српски колега Александар Вулин во Белград.

„На 9 мај го очекуваме претседателот Вучиќ, Вас и српските војници да учествувате во парадата на Црвениот плоштад“, рече Шојгу.

„Уверен сум дека вашиот воен контингент ќе маршира достоинствено низ Црвениот плоштад, низ плоштадот каде поминала победничката поворка во 1945 година“, додаде тој.

Вулин потврди дека 75 српски војници ќе учествуваат во парадата по повод Денот на победата.

Коментирај